Лувр ги отвори вратите три дена по филмскиот грабеж
Галеријата Аполо, каде што се случи грабежот, сè уште е затворена за посетители.
Вратите на Лувр повторно се отворија за посетителите утрово. Посетителите и туристите продолжуваат да го посетуваат Лувр во голем број, и покрај ограбувањето на експонатите од музејот минатиот викенд, објавува Фигаро, наведувајќи дека многумина со нетрпение ја очекуваат посетата, откако музејот беше затворен за јавноста.
Препорачано
Според францускиот весник, повеќето од посетителите се изненадени што воопшто имало грабеж, бидејќи мислеле дека Лувр има „поробусни“ механизми за заштита.
„Бевме шокирани кога ја слушнавме веста на германското радио. Мислевме дека прозорците во Лувр се подебели“, рече германски турист во Лувр и го изрази своето верување дека германските музеи се многу побезбедни.
Бразилска брачна двојка која чекала во ред пред влезот во музејот рекла дека грабежот се случил пред да пристигнат во Париз.
„Беше на сите бразилски канали. Помисливме – ох не, зошто се случува ова сега кога одиме во Париз?“, рече Тиаго, а неговата партнерка Хелен изјави дека крадците „барем не ја украле Мона Лиза“.
Вратите на Лувр повторно се отворија за посетителите од утрово, за прв пат по грабежот што се случи во неделата, кога четворица крадци украдоа осум вредни предмети, предизвикувајќи штета проценета на 88 милиони евра.
Уште во 09 часот наутро, во вообичаеното време на отворање, првите посетители почнаа да влегуваат во најпосетуваниот музеј во светот, објавува Фигаро.
Галеријата Аполо, каде што се случи грабежот, сè уште е затворена за посетители.
Луѓето што чекаат пред влезот имаат однапред купени билети.
„Музејот беше распродаден цела недела. Посетителите кои не можеа да влезат поради ненадејното затворање можеа да побараат враќање на парите. Малку е веројатно дека сè уште ќе можат да купат билети“, рече претставник на музејот.


