Лукровски вети 480 бесплатни прегледи за остеопороза во текот на мандатот, досега 50 жени веќе „извисија“
Договоривме пакет или ветување дека месечно по 10 жени односно 120 годишно, и ако тоа го преточиме во еден градоначалнички мандат, 480 жени, госпоѓи ќе добијат преглед во делот на борба против остеопорозата, вети градоначалникот на Општина Карпош во изборната кампања.
За седум дена Општина Карпош објави исто толку јавни повици, но и проекти што бесплатно ќе се реализираат во општината.
Препорачано
Карпошани можат да добијат бесплатни обуки во областа на дигиталната писменост и економска инволвираност, бесплатни ехо прегледи на дојки за девојки и жени до 45 години. Се организираат и групи за поддршка на онколошки пациенти, како и бесплатни анонимни групи за жени жртви на семејно насилство. Од утре започнуваат и бесплатните часови за фитнес и самоодбрана за мажи и жени.
Но еден од проектите, кои во изборната трка на локалните избори го ветуваше градоначалникот Сотир Лукровски и кој предизвика интерес кај повозрасните жители на Карпош, и по речиси пет месеци откако тој ја презема функцијата, не се споменува.
Лукровски најави дека договорил со „Аџибаден Систина“ месечно по 10 жени постари од 50 години да добиваат бесплатни прегледи за остеопороза.
Заеднички договоривме да веќе со моето доаѓање во општината да отпочнеме со превентива кај популацијата на жени над 50 годишна возраст и договоривме пакет или ветување дека месечно по 10 жени односно 120 годишно, и ако тоа го преточиме во еден, нели, градоначалнички мандат, 480 жени, госпоѓи ќе добијат преглед во делот на борба против остеопорозата преку Декса скен, мислење и понатамошен третман – рече Лукровски.
Според тоа дека досега ова не се спроведува, бесплатните прегледи веќе ги „пропуштиле“ 50 жени.
Притоа, од „Систина“ тогаш потврдувајќи го ветувањето на Лукровски посочија дека дополнително, како општествено одговорна компанија, болницата во следните 4 години ќе се вклучи и во обезбедување на 480 бесплатни основни скрининзи за тироидна жлезда кај деца од училишна возраст, како и 480 бесплатни прегледи кај машки деца до 3 годишна возраст кај кои постои сомнение за неспуштени тестиси. Ни од ова досега нема ништо.
Ќе ги дочекаат ли карпошанки ветените бесплатни прегледи за остеопороза?
Неодамна, на прашањето од „Слободен печат“ кога ќе започне реализацијата на овој проект, како ќе се пријавуваат жените и како ќе се врши изборот, стигна одговор во кој остеопорозата не се спомна и кој ништо не кажува дали ветените бесплатни прегледи ќе се реалкизираат или не.
Ве известувам дека во тек е потпишување на договори кои се однесуваат на бесплатни прегледи за жителите од општината кои се во рамки на програмите и за истото навремено ќе биде известена јавноста и медиумите. Паралелно со ова, во тек е изготвување на план заедно со неколку општествено-одговорни компании со кои ќе реализираме активности кои ќе имаат директен бенефит за нашите жители – велат од Општината.
Во меѓувреме, од здравствен аспект, Општина Карпош најави дека од април, па во наредните девет месеци ќе реализира проект за психолошка поддршка на онколошки пациенти со цел да им обезбеди бесплатна, стручна и континуирана поддршка на пациентите, жени и мажи, преку организирање на групни терапевтски средби.Средбите ќе бидат реализирани од стручен тим предводен од лиценциран психолог Тамара Стојчевска, а сите заинтересирани граѓани може да се пријават на телефонскиот број 076/439-663.
Од април, двапати месечно во соработка со лиценциран психолог/гешталт психотерапевт, м-р Тиана Ивановска, Општина Карпош организира бесплатни анонимни групи за поддршка на жени жртви на семејно насилство, за што заинтересираните можат да резервираат место во групите на телефоните 071/771-420 и на 075/431-572 да го резервираат своето место во групата.
Од утре и сите жени до 45-годишна возраст можат да направат бесплатни ехо прегледи на дојки во ординацијата по гинекологија и акушерство ПЗУ „Св. Алексеј“, која функционира во рамки на Поликлиника Букурешт. Карпошанки можат да го закажат бесплатниот медицински преглед на телефонскиот број 071 243 400.


