Лудило, страст и како финале: Бока и Ривер на „Бомбоњера“ пишуваат нова страница од Суперкласико
Стадионот „Бомбоњера“ вечерва од 20:30 часот ќе се тресе од страст, емоции и напнатост, бидејќи на програмата е новото издание на најголемото аргентинско дерби – Суперкласико, помеѓу Бока Јуниорс и Ривер Плата. Овој пат, мечот носи уште поголема тежина, со оглед дека директно може да го одреди учесникот во наредната сезона на Копа Либертадорес.
Препорачано
Иако ниту еден од ривалите не успеа да стигне до трофеј во домашните натпреварувања сезонава, второто место во годишната табела е клучно за директен пласман во најпрестижното континентално натпреварување. Во моментов, Бока е во предност — со 56 бодови е второпласирана, четири пред големиот ривал.
Дури и со пораз, Бока има шанси да го задржи местото, додека со реми би чекала кикс од Аргентинос Јуниорс или Депортиво Риестра. Од друга страна, Ривер се најде во исклучително тешка состојба – тимот на Марсело Галјардо доживеа пет порази во последните шест лигашки натпревари, па сега се бори за опстанок меѓу елитата во годишната ранг-листа.
Галјардо останува оптимист:
„Секогаш постои шанса да се вратиме. Ова е идеален натпревар за тоа. Нема да бегам од одговорност. Верувам дека повторно ќе победуваме,“ изјави тренерот кој неодамна го продолжи договорот до декември 2026 година.
Во таборот на Бока атмосферата е далеку подобра — тимот под водство на Клаудио Убеда оствари три победи во последните четири натпревари, а капитенот Леандро Паредес најави атак од првата минута.
„Нè интересира единствено Бока. Ништо друго,“ порача Паредес.
Сепак, статистиката е на страната на Ривер, кој е во серија од четири победи и едно реми во последните пет Суперкласика во лигата. Последната победа на Бока датира од 11 септември 2022 година.
Но, дерби е дерби — а вечерва „Бомбонјера“ ќе биде центар на фудбалскиот свет, во спектакл кој ветува страст, тензија и борба до последниот атом сила.


