Лудаците вљубени во Путин

Благојче Атанасоски

Наместо да сочувствуваме со Украинците, да бидеме емпатични, дотолку повеќе што воено ни помогнаа во најкритичната 2001 година, ние на ФБ навиваме за Путин или, уште полицемерно, релативизираме, правејќи споредба со независноста на Косово.

Неверојатно е како за народ што целиот свој национален мит за сопствената историска трагика во изминативе повеќе од еден век го изградил врз база на тажаленските верувања дека бил делен, парчосуван, оспоруван, прогонуван, асимилиран, негиран и ред други траорни работи за една современа нација, повеќе од половината денеска отворено да се ситат, ликуваат и ги задоволуваат своите ниски страсти од воено-агресорската политика на „вампирот од Кремљ“ врз украинскиот територијален интегритет и суверенитет, дотолку повеќе што ние имавме иста таква, односно многу слична закана по нашиот, со воениот конфликт од веќе далечната 2001 година.

Од  друга страна, пак, во обраќањето до нацијата, во својата „аргументација“,  две децении најмоќниот руски човек В. В. Путин истакна(л) дека „Украина нема државност длабоко во историјата“ и дека е „творба на В. Илич Ленин по Октомвриската револуција“. Заменете ги само зборовите Украина со Македонија и Ленин со Тито и ќе ја добиете иста реторичка политика на Красимир Каракачанов во прв ред, но и таа на Румен Радев, Џамбаски, Захариева, Трифонов, Ковачев и безмалку цела актуелна бугарска политичка свита.

Ние сме патетични лицемери!

И, како сега ви се крева косата од нацифашистичките негаторски изјави, од провокациската реторика на гореспоменатите, а изјавата на љубимецот од Кремљ ја доживувате како „право на заштита на руската државност“?! Од кого?! Од членството на Украина во НАТО?! Кое е милиони светлосни години од нашите дни до неговото реализирање?! Вековно поделена помеѓу западната сфера на влијание и таа царско-болшевичко-сталинистичката (руската), Украина и украинскиот народ се „осудени“ на вечно страдање, психоза, страв и воени судири и конфликти. Наместо да сочувствуваме со нив, да бидеме емпатични, дотолку повеќе што воено ни помогнаа во најкритичната година од нашето осамостојување (2001), ние на ФБ напалени како млади мајмуни навиваме за Путин или уште полицемерно и подолно (како што најмногу му доликува на карактеристичниот и класичниот Македонец), релативизираме, правејќи споредба со независноста на Косово.

Па, сите ние што сме згрозени од руската мечка, во суштина рускиот ѕвер, сме и противници на независноста на Косово и секогаш сме велеле дека таа е еклатантно кршење на меѓународното право и никогаш не сме ја релативизирале или, уште пострашно, поддржале лицемерната политика на западните земји во однос на Косово. Простете, ама тие Македонци што се ситат и навиваат во овој даден момент за „исправноста на политиката на Путин“, за мене се или шизофрени психијатриски случаи или оболени од Стокхолмскиот синдром. Друга логика и не гледам. Се срамам што делам државјанство со нив, што ми се сограѓани, особено етнички (словенски) Македонци. Со коефициент на интелигенција колку една потполошка, кутрите напатени полни со гнев душички, опиени од моќта и славата на В. В. Путин, го мразат Западот (Америка на прво место), а не сфаќаат или не „гледаат“ дека нивните деца масовно вадат бугарски пасоши (а ја мразат, нормално, Бугарија), за трајно да емигрираат во западноевропските и прекуокеански развиени земји. Нормално, никој од нив не отишол на гурбет во Москва, во Санкт Петерсбург или уште помалку во Казан или Калининград.

Кажете ми го кој е најмалиот заеднички содржател на оваа „логика“ тука?! И дали може да се изведе? Или станува збор за медицински феномени и проблеми од областа на психијатријата. Уште повеќе, не можам да ја разберам путинофилијата и русофилијата бидејќи, како што многу пати сум елаборирал низ колумни, интервјуа или изјави, руската надворешна (царска и болшевичка) политика изиграла крајно уништувачка улога во однос на (не)реализирањето на македонската државност кон крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, кога сите нации околу нас политички, социјално и културолошки се ослободиле од вековните ропства и станале самостојни автономни/независни држави. Дали тоа бил рускиот император што бил арбитар (поттикнувач) на кинењето на етногеографската територија на Македонија на зелената маса во романскиот главен град Букурешт, после Балканските војни или тоа бил Ј. В. Сталин, кој со труењето на бугарскиот комунистички водач Георги Димитров (Македонец по сопствено признание и сознание) и го спречил веќе договорениот план на Ј. Б. Тито и споменатиот преку „Бледските договори“ за обединување на Вардарскиот со Пиринскиот дел на Македонија. И после сето ова што ви го говорам, предочувам, факторизирам, аргументирам, објаснувам, елаборирам, вие и понатаму ќе бидете фанатично и френетично настроени кон „политиката на Путин“?

Вечно оболени од Стокхолмскиот синдром

Добив десетици нервозни и атакувачки коментари на критика на мојот ФБ-статус за безрезервна поддршка за напатениот братски украински народ во кои се бранат воените и агресорските дејства на првиот човек на Руската Федерација и неговата военогенералска доктринарна свита. Што можам да им одговорам на таквите, кои ги поистоветувам и класифицирам со пежоративниот деминутив „Македонче“?! Во ред, освен дека таквото Македонче е просто, злобно, изгорено за сеир, затворено само во себе и во своите стравови, фрустрации, комплекси и демони и дека неговото патетично плачилелекање дека е „негиран, оспорен, понижен, асимилиран“ е само одлика на неговото битие кое во суштина му пречи тоа што другите досега му го правеле, не поради „човечките правдини“, туку поради тоа што ТОЈ НЕ СЕ НАОЃА на местото на посилниот и истото да им го прави на послабите. Како рекле старите (читај психолозите): секогаш дебелите кога ќе подослабат им се смеат на дебелите, ороспиите кога ќе се одомаќинат ги озборуваат останатите и посочуваат со прст која била курва, а не постои попросто и поискомплексирано суштество од новопечен и новокомпониран македонски „богаташ“, кој заборава кој бил, каков бил и од каде тргнал. И што да ви кажам на крајот другари во оваа колумна?! Дека Македонецот, исто како и „клетиот“ Бугарин, никој пат не знаел да го фати исправниот пат низ историјата?! Дека и овој пат навива за окупаторите, не за окупираните? А, истиот бил цел живот окупиран од кој ќе стигнел? Или, пак, сме се разболеле од Стокхолмскиот синдром, па како вечни жртви сме вљубени и восхитени од џелатите? Не знам, само знам дека спас ни нема и дека вакви гревови како нас еднаш мајка раѓа. Тешко нејзе. Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот