Ловрен: Сè уште зависи од нас, одиме да ја завршиме работата против Белгија

Фудбалската репрезентација на Хрватска на СП 2022/фото: EPA-EFE/Noushad Thekkayil

Хрватска ја совлада Канада со 4:1 во натпреварот од второто коло од групата „Ф“ на Светското првенство во Катар, а Андреј Крамариќ двапати се запиша во листата на стрелците.

Крамариќ вечерва во Доха по победата над Канада изјави дека ова е посебна вечер, како за него, така и за сите негови соиграчи.

– Почетокот беше тежок, но го покажавме она што Хрватска секогаш го покажува. Имавме фокус и ментална сила. Се вративме на вистински начин и на крајот победивме доминантно. Но, нема големо славје. Одлучува последниот натпревар во групата и секако дека сакаме да продолжиме – изјави Крамариќ, а пренесува ХИНА.

Потоа ги коментираше и двата негови голови против Канаѓаните.

– Моите два гола? Се разбира, ова е посебна вечер за мене и за целиот тим. Два гола не се постигнуваат често на Светското првенство. Ова е остварување на сонот – вели Крамариќ.

Неговиот репрезентативец колега Дејан Ловрен исто така задоволно го коментираше натпреварот.

– Оваа победа донесе олеснување бидејќи имаше голем притисок врз нас. Овие три бода ни се многу важни. Освен првите пет минути, направивме сè фантастично, а можеби тој примен гол ни требаше за да се „разбудиме“. Нè изненадија, но сè функционираше после тоа. Сè уште зависи од нас, одиме да ја завршиме работата против Белгија. Ќе биде тешко – се зборовите на Ловрен.

Видео на денот