Локално и иновативно: „Себе Сложувалка“ ќе нуди ментална поддршка и помош на „Д фестивал“

„Себе Сложувалка“
Разговор со Тиана од „Себе Сложувалка“ / Фото: Приватна архива

Во месец јуни ги прашавме следачите на нашиот официјален инстаграм-профил @slobodenpecat да споделат со нас мали, автентични локални бизниси кои заслужуваат видливост, а не се во можност да одвојат буџет за рекламирање. Поставивме само еден услов: следбениците да имаат лично позитивно искуство со предлогот што ќе споделат. Така, денеска ве запознаваме со Тиана Ивановска од „Себе Сложувалка“ – скопски стартап кој нуди психолошки и психотерапевтски услуги.

Себе Сложувалка“ е претприемачки бизнис, стартап што постои нешто повеќе од 2 години – формално година и половина и е составен од осум млади ентузијасти, кои за време на пандемијата тргнале со заедничка цел – да им го олеснат животот на луѓето во текот на пандемијата.

Разговаравме со Тиана Ивановска, која по студиите по психологија на Филозофскиот факултет во Скопје и доедукација за психотерапија што траела девет години, се охрабрила да започне сопствен бизнис затоа што била свесна за потребата да се зборува и да се работи на менталното здравје.

„Најважната цел на нашата фирма е иновативна, профитот да е меѓу последните места. Јас сум од тие млади претприемачи што не се интересира толку многу за профит колку што се интересира за импакт. Услугите што ги даваме да направат разлика, нешто да се смени во општеството. Тоа го имаме и на ниво на вработени“, вели Тиана, која е една од реките психолози што ја започнале својата професија со тим, а не како индивидуа.

тиана ивановска
Тиана Ивановска / Фото: СП

Тиана за време на пандемијата почнала со организирање бесплатни видео-обраќања на Инстаграм, во кои на некој начин сакала да го искористи своето знаење за да помогне за благосостојбата на нејзините следбеници.

„Имаше многу голем одѕив, добив голема поддршка од пријателите, колегите и соработниците и некако прерасна во иницијатива што си оформи свои профили, се одвои од мене, па стана свој субјект. Продолживме да креираме бесплатна едукативна содржина и тоа го правиме до ден-денес. Нам профилите многу малку ни служат за маркетинг, колку што ни служат за едукација – кај нас најдобар маркетинг е од уста на уста. Идејата е секој човек да добие основна едукација за психологија и ментално здравје, да бидеме на еден клик од потребите на луѓето“, вели Тиана.

Таа вели дека комуникацијата со клиентите е олеснета и од фактот дека постојат и онлајн сесии, работат и со луѓе од дијаспората затоа што е „многу поефективно да работат на мајчин јазик“.

Какви услуги нуди „Себе Сложувалка“?

Тимот што со сочинуваат Тиана Ивановска, Давид Златевски, Тамара Стојчевска, Душица Цандова, Елена Ставрова, Никита Попова, Катерина Митевска и Никола Дукоски, работи претежно на индивидуални сесии, психотерапија, психотерапија со парови, а воедно имаат и пакет за грижа за ментално здравје на вработени.

„Себе Сложувалка“ нуди и психотерапија за деца што се прави низ игра, само таа терапија не може да се прави оналјн.

„Тоа го работи колегата Никола Дукоски – психотерапија за деца преку игра, да се проектира преку играчките затоа што детето не оперира со свесност… Тие најмногу учат преку проекција. Овој вид на терапија се практикува за деца од над четири години до десет години, а имаме и дефектолог што работи со деца со пречки во развој. Родителите не се присутни за време на тие терапии – за време на сесиите, се работи со детето, а има опција и за советување за родителите. Имаме пакети мајка – дете, татко-дете – со цел да се креира асоцијативна врска, така родителот дава пример на детето, а детето се чувствува се чувствуа безбедно“, вели Тиана.

тиана ивановска
Дела на деца за време на плеј психотерапија / Фото: СП

Четврток за себесложување

„Така го креиравме „Четврток за себесложување“ што своевремено прерасна во традиција, јас одговарав на прашања, не текстуално, туку за секое прашање креирав засебно кратко видео. На луѓето им се допадна тој личен пристап, така станавме препознатливи и видливи. Сè уште е тоа идејата – едноставно да се крене свеста на народот, особено на младите за менталното здравје на младите, ние како психолози да бидеме проактивни“, ни раскажува Ивановска.

Тиана вели дека на секој што ќе се јави во „Себе Сложувалка“, го прашува дали досега посетувал психолог или психотерапевт, нуди бесплатна консултација за да открие што е тоа што го мачи. А, за жал, меѓу најчесто поставуваните прашања се секако колку чини една сесија.

„Знаеме да излеземе во пресрет. Ние имаме уште една иницијатива со студентското здружение со ‘Психеско’, со кое склучивме договор за студентите по психологија на кои им даваме 20 отсто попуст, со цел да се стимулираат и тие, да доаѓаат на сесии“, вели таа.

Идејата првично била наменета за студенти по психологија, затоа што за нив е најважно да доаѓаат на сесии, затоа што во иднина ќе треба да го работат тоа. Како што вели, од Македонија излегуваат психолози што немаат ниту еден час работа на себе, а тоа е страшно.

Тимот на „Себе Сложувалка“ нуди помош и на „Д фестивал“

„Себе Сложувалка“ на претстојниот „Д фестивал“ во Дојран ќе имаат две локации – на летниковец и штанд на плоштад.

„Во летниковецот што ќе биде во склоп на самиот камп, ќе се држи психолошка помош, тоа не е психолошка терапија и ќе биде бесплатно. Таму ќе бидеме шестмина и ќе бидеме сместени во шатори околу летниковецот, ќе бидеме постојано присутни за помош“, ни откри Тиана.

На прашањето од каде е идејата психотерапевти да се позиционираат на ваков вид настан, Ивановска вели дека идејата била на организаторите на „Д фестивал“, со цел да биде застапена темата за менталното здравје, а таа ја структурирала како психолошка помош.

„Мојата идеја беше да даваме психолошка помош затоа што тоа сигурно ќе им биде потребно на луѓето. Лично познавам многу луѓе што не одат на фестивали затоа што се анксиозни, вознемирени, имаат панични напади и кога се во метеж немаат на кој да се потпрат, немаат поддршка“, заклучува Тиана.

Основна разлика меѓу психологија и психотерапија

„Најголемата разлика е во едукацијата. Психотерапијата е на некој начин специјализација за работа со клиенти, за индивидуални сесии. Психолозите со четири години образование можат да држат само психолошко советување, а за психолошко советување немаме ниту еден предмет на факултет, студиите се усмерени на истражувачка работа и делумно на клиничка. Психотерпаијата се занимава со подлабоки теми, директно работи со трауми и потешки процеси. Не работи на приниц на давање насоки, туку ти како индивидуа одговорот го имаш во тебе, а јас те водам низ процесот, да го видиш она што го имаш во себе, а не го гледаш“, вели Тиана.

Психотерапевтот треба да биде спремен за да може да се носи со сите проективни техники и што е многу поважно да има многу работа на себе за да може помогне на друг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот