Лобистот на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ падна од пратеничкото столче во Бундестагот

Пратеникот Тобиас Цех е четврти пратеник од конзервативниот блок на германската канцеларка Ангела Меркел кој си поднесе оставка поради земање кеш од политичка партија во Северна Македонија, известуваат германските медиуми.

„Шпигел“ објави дека Тобиас Цех кој е пратеник во Бундестагот од бавариската Христијанско – социјална унија (ЦСУ) во 2016 година зел „петцифрена“ за консултантски услуги на поранешниот македонски премиер Никола Груевски. Тој исто така лично водел кампања за Груевски, објави весникот.

„Груевски подоцна е обвинет за корупција во судски процес по што побегна во Унгарија каде што доби азил и живее во егзил“, пишува Шпигел.

-Цех не си оди од пратеничката позиција доброволно. Новинарите на „Шпигел“ ја следеа трагата на неговата приказна врзана за Северна Македонија. Консултантската фирма на Цех добила хонорари од десетици илјади евра за ПР услуги за висок политичар во балканската држава, кој подоцна бил осуден. Отворено прашање е дали Цех договорил состаноци за него со германски политичари, вклучувајќи и средби со поранешниот шеф на ЦСУ, Хорст Зехофер. Во исто време, се вели дека Цех водел кампања за политичарот за неговата улога како пратеник во Македонија, објавува „Мјуних Меркури“.

Разоткриени бизнис релации со Груевски и ВМРО-ДПМНЕ

Во текот на 2016 и 2017 година германскиот пратеник во повеќе наврати се среќавал со Груевски и тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и лобирал за нив.

Непосредно пред предвремените парламентарни избори во 2016 година, Тобиас Цех му изрази јавна поддршка на тогашниот премиер Никола Груевски и изрази надеж дека „ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на изборите по што ќе ја продолжат соработката и во иднина“.

Тобиас Цех се обрати на сенародниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје/26 ноември 2016

Како потпретседател на сестринската ЕПП, Цех се појави на големиот митинг на коалицијата предводена од ВМРО – ДПМНЕ „За подобра Македонија“ во Скопје на 27 ноември 2016 година и истакна дека „ВМРО-ДПМНЕ е партија за пример, а нивната програма е програма за иднината на Македонија“.

Претходно во април 2016, Тобијас Цех заедно со уште еден партнер од партијата ја формирал фирмата „Скалигер Стратеџи Консалтинг“ по што склучил договор за ПР-консалтинг со ВМРО-ДПМНЕ, тогашната владејачката партија во Македонија за што добил 50.000 евра, објави Дојче Веле.

Фото: Груевски со Цех и Курц на митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје/26 ноември 2016

Цех за „Шпигел“ не сакал да одговори дали тој ги организирал средбите на Груевски во Берлин и Минхен. Но, функционери на ЦСУ кои биле на средбите потврдиле за магазинот дека иницијативата била на Цех. Тоа го потврдуваат и изјавите на Цех за локалните медиуми од тој период, во кои тој објаснува дека „е многу важно и потребно“ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да се среќава со пријатели во Берлин и Минхен.

Цех се обиде да се извлече од скандалот со Груевски па вели дека во периодот додека соработувал со него и ВМРО-ДПМНЕ, не знаел за обвинувањата за корупција и злоупотреба на власта. Дури пред пресудата за Груевски, од медиумите дознал дека постоеле такви сомнежи, но договорот веќе бил завршен.

По изборите на 11 декември 2016 година, кога Груевски не успеа да состави Влада и мораше да го врати мандатот, а за новонастанатата ситуација на македонската политичка сцена му се пожалил токму на Тобиас Цех кога се сретнале на Малта на конгресот на ЕПП на 29-30 март 2017 година по кој следуваат уште потурбулентни моменти на македонската политичка сцена, упадот на приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на 27 април, случај за кој уште се води судска постапка во Кривичниот суд во Скопје.

Средбата во Малта/ Скриншот/Курир 29.03.2017

Фирмата на Цех никогаш не објавила дека работела за ВМРО-ДПМНЕ, иако нејзиното име стоело и на интернет-страницата на Цех во Бундестагот. Тој немал законска обврска да објави кои му биле клиентите со кои работел.

И покрај тоа што Цех за „Шпигел“ се правдал дека се што работел било легално и не било спротивно на неговата пратеничка функција, сепак, соочен со документите одлучил да поднесе оставка во Бундестагот.

По лобирањето за Груевски Цех влета во бизнисот со канабис во Македонија

Цех есента 2017 го губи пратеничкото место во Бундестагот, а во 2018 година ја ликвидира и фирмата за ПР консалтинг, но ја продолжува бизнис-соработка со лица во Македонија. Кога во мај 2020 Цех повторно станува пратеник во Бундестагот, по оставката на негова колешка, Цех веќе е влезен во нов бизнис – одгледување канабис, пренесува Дојче Веле.

„39-годишниот политичар е на чело на Управниот одбор на компанијата „ФармКан“ (PharmCann Deutschland AG) која е поврзана со одгледувањето канабис во Северна Македонија. Негов партнер во Скопје е Златко Кесковски, поранешен заменик-директор на УБК и шеф на обезбедувањето на експретседателот Борис Трајковски. Кесковски е шеф на Надзорниот одбор на „ФармКан Германија“, и има лиценца за одгледување канабис во Северна Македонија“, објави Дојче Веле пренесувајќи ја изјавата на Цех, дека имал цел да се „изгради продажна мрежа за Германија.

Оставките во ЦСУ во најлош момент

Последните обвинувања на сметка на конзервативниот блок на Меркел доаѓаат во најлош можен период откако веќе изгубија тројца пратеници осомничени дека земале провизии од договорите за набавка на заштитни маски.

„Со цел да ги отфрлам сите потенцијали предрасуди, одлучив по своја волја да поднесам оставка од мојот политички мандат во Бундестагот како и од моите должности во партијата веднаш“, им напиша Цех на своите сопартијци. Неговиот сопартиец Бернд Фабрициус ќе го преземе неговиот мандат.

Генералниот секретар на ЦСУ, Маркус Блуме, го поздрави повлекувањето на Цех. Одлуката беше „единствениот правилен чекор“, рече тој за „Меркјури“. Беше „логично да се избегне штетата во ЦСУ“, пренесува германски Фокус.

Конзервативците во неделата доживеаја историски неуспех на регионалните избори во Германија, навлекувајќи го бесот на гласачите кои ги казнија, меѓу другото и поради лошото справување со пандемијата од ковид -19 како и ненавремената набавка на вакцини.

Меркел најави дека нема да се кандидира за петти мандат на националните избори подоцна годинава, што пак опозицијата го гледа како можност за освојување на власта во Германија.
Анкетата направена на 17 март покажа дека поддршката за конзервативниот блок паднала на 29 проценти во однос на јуни кога уживале доверба од 40 отсто од граѓаните кога Меркел успешно се справи со првиот бран на епидемијата од коронавирус во Германија.

Германски пратеник поднесе оставка – добивал пари од ВМРО-ДПМНЕ за консултантски услуги

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот