Германски пратеник поднесе оставка – добивал пари од ВМРО-ДПМНЕ за консултантски услуги

Фото: архива ВМРО-ДПМНЕ

Бранот оставки во германската ЦСУ не стивнува. Тобиас Цех од Христијанско социјална унија (ЦСУ) е уште еден пратеник кој го врати својот мандат во Бундестагот. Причина за тоа се обвинувањата дека вршел консултативни услуги за политичка партија во Македонија додека бил пратеник. Цех го демантира ова, објави вечерва германски Фокус.

Тобиас Цех, член на Бундестагот од ЦСУ си поднесе оставка од сите партиски должности. Според „Мјуних Меркјури“, тој ги известил своите сопартијци во Горна Баварија во четвртокот за својот потег. Позадина се обвинувањата дека го измешал својот мандат и консултативните активности во 2016 година.

„Со цел да ги отфрлам сите потенцијали предрасуди, одлучив по своја волја да поднесам оставка од мојот политички мандат во Бундестагот како и од моите должности во партијата веднаш“, им напиша Цех на своите сопартијци. Неговиот сопартиец Бернд Фабрициус ќе го преземе неговиот мандат.

Генералниот секретар на ЦСУ, Маркус Блуме, го поздрави повлекувањето на Цех. Одлуката беше „единствениот правилен чекор“, рече тој за „Меркјури“. Беше „логично да се избегне штетата во ЦСУ“. 

Пратеникот на ЦСУ работел со консултантска фирма за партија во Македонија

Според сознанијата на германски Шпигел приватната фирма на Цех примала петоцифрени хонорари за консултантски услуги на ВМРО-ДПМНЕ, „на чие чело беше корумпираниот политичар Никола Груевски“, пишува весникот. 

Во текот на 2016 и 2017 година германскиот пратеник во повеќе наврати се среќавал со Груевски и тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и лобирал за нив.

Непосредно пред предвремените парламентарни избори во 2016 година, Тобиас Цех му изрази јасна поддршка на тогашниот премиер Никола Груевски и изрази надеж дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на изборите по што ќе ја продолжат соработката и во иднина.

Како потпретседател на ЕПП, Цех се појави на големиот митинг на коалицијата предводена од ВМРО – ДПМНЕ „За подобра Македонија“ во ноември 2016 година и истакна дека „ВМРО-ДПМНЕ е партија за пример, а нивната програма е програма за иднината на Македонија“.

По изборите на 11 декември 2016 година, кога Груевски не успеа да состави Влада и мораше да го врати мандатот, за новонастанатата ситуација на македонската политичка сцена му се пожалил токму на Тобиас Цех кога се сретнале во Малта на конгресот на ЕПП на 29-30 март 2017 година.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот