ВИДЕО: Љупчо Палевски – Палчо, осомничен дека ја егзекутирал Вања, во пропаднат обид да изнуди пари од мајка ѝ која штотуку продала стан

Фото: Слободен печат

Љупчо Палевски – Палчо е првоосомничен за најгрозоморното злосторство во поновата историја каде убиени беа 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Нивните безживотни тела биле пронајдени во гробови, кои што ги посочиле двајца сведоци, кои што ги гледале егзекуциите и го посочиле Палевски како нивен извршител односно како човекот што испукал од пиштолот. Пиштол досега не е најден, но инволвираните ги посочиле гробовите каде што ги закопале жртвите. Вања, ја немаше на ниедна од 70-те обезбедени снимки од камерите, затоа што била грабната во влезот од зградата каде живеела, била врзана за рацете и нозете, ставена во вреќа за спиење и ставена во гепек. Потоа била убиена во атарот на селото Орман. Јавниот обвинител Гаврил Бубевски рече дека најверојатниот мотив за убиството на Вања, е тоа што мајка ѝ продала стан и така се здобила со поголема сума пари, која што групата сакала да ја изнуди од неа, а информациите за движењето на Вања на осомничените им ги давал нејзиниот татко, за кого ќе биде побаран притвор. Палчо не е во Македонија. Заминал во Белград, па во Бугарија заедно со неговиот адвокат. По него се трага меѓународно. Според досегашните податоци, групата од пет осомничени убиството го извршила непосредно по грабнувањето, односно околу 10 часот утрото во понеделникот, затоа што нешто „излегло од контрола“. Според исказите на осомничените, тие се исплашиле што истрагата напредува, полицијата истражува на највисоко ниво, па решиле да ја убијат Вања, а парите да ги бараат отпосле.

Според Обвинителството, убиениот Панче Жежовски од Велес пак, му должел 500 евра на еден од осомничените, па откако бил убиен, неговото возило било украдено и им служело на петтемина за да ја грабнат Вања. Потоа возилото го запалиле, а има материјален доказ на која бензинска го купиле горивото за таа намена.

-Разрешницата за жал не доведе до исходот што сите го посакувавме, да ги пронајдеме живи, туку двете лица се пронајдени закопани во околината на Скопје и Велес. Опсежните мерки преземени од полицијата доведоа до откривање на сторителите на ова грозоморно кривично дело без преседан. Мотивот е користољубие. Едно од лицата, во договор и со знаење на член на семејството, го организирал извршувањето на кривичното дело за да се изнудат пари од мајката и сите да имаат корист од нив, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Панче Жежовски пак, кој беше убиен, немал поврзаност со Вања Ѓорчевска, но имал нерасчистени односи со еден од осомничените, според досегашните информации од истрагата.

-Неговото возило е земено и употребено при извршувањето на кривичното дело и потоа е пронајдено опожарерно. Со тоа возило била земена малолетничката од влезот на зградата каде живеела, откако, според исказите на осомничените, таткото споделил информација со организаторот за денот и часот на излегувањето. Главниот организатор и извршител, со пиштол, според досегашните докази, ја усмртил малолетничката. Ќе сториме се овој монструм на кој му ја следиме трагата, час поскоро штом стапне на македонско тло, да биде изведен пред лицето на правдата, додаде министерот Спасовски.

Спасовски апелираше јавноста да биде смирена во поглед на безбедноста.

-Се работи за изолиран случај, за бандити, монструми и криминалци кои сакале да изнудат финансиска корист и го познавале семејството, додаде тој.

Обвинителот Гаврил Бубевски рече дека сите инволвирани се идентификувани, а тројца од нив го признале целокупниот свој ангажман, кој какви дејствија презел и кој за што бил задолжен во текот на оваа крвава и грозоморна операција.

-Тие извршиле две кривични дела грабнување, поврзани со користољубие, односно грабнување заради корист. Имаат две кривични дела убиситво со најтешка квалификација, за кои се изрекува најтешката можна казна. Имаме докази за тоа дека ситуацијата излегла од контрола на лицата кои го признаваат тоа пред полицијата и пред јавен обвинител. Нивните укажувања се дека со оглед на тоа што се создала кај нив некаква паника, зашто јавноста веќе била целосно ангажирана да се најде детето, решиле дека парите ќе ги бараат подоцнан и еден решава детето да го ликвидира, изјави Бубевски.

Истражните органи отфрлија дека некој на Љупчо Палевски му дојавил дека е баран, па затоа тој успеал да избега од Македонија.

-Не може да биде дојава зашто излегувањето од територијата на Македонија е пред да утврдиме факти и пред да ги приведеме лицата. Тогаш се направени претреси и се обезбедени докази. Така што, никој тогаш ја немал информацијата дека осомничениот на 30-ти ја напуштил државата, изјави Оливер Спасовски.

Против Љупчо Палевски Палчо, имало претходно неколку прекршочни постапки, а во Прилеп имал и кривична пријава.

-Двајца од осомничените кои се во притвор, наведуваат дека позициите на девојчето, кога ќе излегува од дома, ги разбрале од осомничениот кој не е во државата (Палевски), а тој ги знае од таткото на девојчето, рече Спасовски.

Во текот на ноќта извршен е претрес и во политичката партија под водство на Палевски, каде се барале докази. Сите инволвирани во грабнувањето и убиствата, биле од неговата партија. Сите кога давале исказ пред истражните органи, имале јасна хронологија и кажувале децидно кој што презел и кој какви противправни дејствија извршувал.

Обвинителот Бубевски истакна и дека не се работи само за искази од осомничените, туку тие се поткрепени и со материјални докази.

-Нема бегање, рече Бубевски.

На почетокот немало никаква корелација меѓу убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Но, на камерите од „Сејф сити“ забележано било дека две возила, марка „Рено Канго“ и „Цитроен“ се возат заедно. Цитроенот е возилото на убиениот Жежовски, кое подоцна било искористено да се грабне Вања во него, па било запалено. Таа е причината за поврзувањето на двете убиства.

– Според признанието е утврдено дека две лица кои биле во Цитроенот, добиле претходна информација вечерта пред да го извршат грабнувањето, дека детето ќе биде само и во колку часот ќе излезе од дома. Во влезот на зградата ја земаат, детето е ставено со врзани раце и нозе во вреќа за спиење и го ставаат во гепекот од возлото. Пред Цитроенот се наоѓа Реното Канго, кое цело време се движи пред нив. Однесено е девојчето на локација надвор од Скопје и според сведоците таму е извршено убиството а потоа возилото е запалено, рече Спасовски.

Првичната причина за грабнувањето е да земат односно да изнудат пари од мајката, ама постапката за изнудување не почнала.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот