Левица ќе иницира разрешување на Татјана Димитровска од Антикорупциска

Пратеничката група на Левица преку пратеникот Борислав Крмов кој е член на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувања, ќе поднесе предлог за разрешување на претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска.

Недозволиво е Собранието да биде пасивно и да чека самата претседателка да поднесе оставка од морални причини, кога против Димитровска се водат две кривични истраги и истата повеќе од два месеци не доаѓа на работа. Дополнително, при постапката за избор на претседател за Антикорупциска комисија, секој кандидат мора да поднесе уверение дека против него не се води кривична постапка. Овој принцип мора да важи во текот на целиот мандат и претставува основ Собранието да ја разреши претседателката Татјана Димитровска, како надлежно тело кое го врши изборот и разрешувањето на составот на Државната комисија за спречување на корупција, велат оттаму.

Левица, од самиот момент кога Димитровска доби статус на осомничена во случајот „Адитив”, побара оставка и од целокупниот состав на Антикорупциска комисија, затоа што сметаат дека составот е целосно  компромитиран и дека според нив е нарушен интегритетот за работа на ова тело.

Дополнително, ако се земат предвид и низата на скандали кои од самиот старт ја следат Антикорупциска комисија и нејзиното непостапување (како во случаите со директорот на АНБ и заменик-директорката на Агенцијата за разузнавање), јасно е дека овој состав единствено служи за да ги аминува лошите политики на власта. Оттука, јасно е зошто власта не иницира разрешување на претседателката Татјана Димитровска, која токму мнозинството од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ сложно си ја изгласа и чиј интегритет е целосно нарушен, велат од Левица.

Оттаму додаваат дека наместо премиерот Христијан Мицкоски и спикерот Африм Гаши да ги констатираат само лошите законски решенија, кои им овозможуваат неограничена законска заштита на избраните функционери, ги повикуваат како владејачко мнозинство да иницираат законски измени на Законот за спречување на корупција и судирот на интереси, со цел конечно воспоставување на професионални критериуми и стандарди за работа на ова тело, каде самите членовите ќе подлежат на висока одговорност и отчетност пред граѓаните, наместо, како што смета Левица – да бидат партиски послушници на властите.

Собранието спие, додека Татјана Димитровска ја „минира“ вербата во Антикорупциска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот