Татјана Димитровска, фото „Слободен печат“ - Драган Митревски
Татјана Димитровска, фото „Слободен печат“ - Драган Митревски

Собранието спие, додека Татјана Димитровска ја „минира“ вербата во Антикорупциска

Татјана Димитровска, претседателката на Антикорупциската комисија обвинета за одавање службена тајна во предметот „Адитив“ како и дека ревизор ѝ го положил испитот за да добие сертификат со највисок степен – „државна тајна“, треба да си поднесе оставка од морални причини или Собранието да ја разреши, тврдат претставници на платформата за борба против корупцијата, поранешни антикорупционери и аналитичари. Дел од нив на Димитровска ѝ дале 20 од можни 100 поени кога во Собранието течеше изборот за членови и претседател на Антикорупциска. Претседателот на Собранието пак Африм Гаши, тврди дека законски не се исполнети условите таа да биде разрешена бидејќи немало правосилна пресуда.

Кога Снежана Камиловска Трповска од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во Собранието на интервјуто при изборот за членови на ДКСК, ја праша кандидатката Димитровска каде се најголемите ризици од корупција, таа ѝ одговори децидно – во тендерите. Потоа стана обвинета за оддавање службена тајна во предмет за тендер.

-Предизвик е мојата апликација како член и претседател на ДКСК. Искрено, како личен и професионален мотив ми е, имајќи предвид дека она што досега сум го работела во Државниот завод за ревизија со дадените препораки, верувам дека сега ќе се ефектуира во завршени предмети и правосилни судски одлуки, им рече Димитровска на членовите на комисијата во Собранието што ја избра. 

Аналитичарите се децидни дека Собранието мора итно да почне постапка за разрешување на првата антикорупционерка која иако јавно прозивана дури и од тие што ја поддржуваа при изборот, не реагира. Телефонот ѝ е исклучен а на работа не оди, поради мерките од судот да нема контакт со предметите. Од ДКСК не одговорија на прашањето на „Слободен печат“ дали дел од неодењето на работа ѝ било покриено со боледување. Платата за претседател на Антикорупциска е од 2 илјади евра па нагоре. Некои аналитичари се разочарани од самото тело.

-Тие што се претставуваат како Државна комисија за спречување корупција, глумат и лажираат институција. Глумците никогаш не даваат оставки, членовите на ДКСК немаат стаменост да се оградат или отарасат од претседателката, а Собранието никогаш не ги разрешува заради тешко нарушување на интегритетот и кредибилитетот. Затоа што токму таква комисија им одговара. Комисија која не врши никаква работа. Но, проблемот е посериозен. Коренот на проблемот е длабок и не се однесува само на човечкиот материјал на тие глумци таму, туку лежи во самиот мандат на таа институција. На времето јавно и институционално барав конкретни промени во тој мандат. Кога не ги прифатија, сфатив дека нема што да се бара таму. Ниту дека некој некогаш ќе направи нешто со таа институција. Целата таа конструкција наречена ДКСК е срам за државата и за партиите со коj се делегитимира празноговорот за посветеност во борбата со корупцијата. Тоа е обична, традиционална, опстојувачка, сеприсутна – фарса, изјави за „Слободен печат“ аналитичарот Суад Мисини.

Снежана Камиловска Трповска од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) потенцира дека најдобриот начин да се разреши оваа ситуација, што претседателката на Антикорупциска е обвинета за оддавање службена тајна и дека ревизор ѝ го полагал тестот за да добие сертификат со највисока класификација „државна тајна“ – е оставката.

Најдобриот начин да се разреши оваа ситуација е да си поднесе оставка од морални причини. Тоа што ќе поднесе оставка од морални причини не значи прифаќање вина за обвинението од нејзина страна. Со оставката од морални причини ѝ се дава можност на Државната комисија за спречување корупција да се ревитализира бидејќи во моментов и покрај нивните заложби дека се спремни, има голема дисфункционалност. Нема 7 туку 6 членови, има заменик претседател кој е вршител на должноста. Заменикот нема заменик. Согласно мерките за претпазливост, Димитровска има неможност да ја извршува својата работа. Како правник ме интересира како Антикорупциска го регулирала правно моментот што од една страна таа е во неможност да работи, а од друга страна не ѝ е одземена деловната способност. Како ДКСК го разрешува тоа, кога по Закон за работни односи ако 3 дена не се појавиш на работа можеш да добиеш отказ?, прашува Снежана Камиловска Трповска од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).  

Таа за „Слободен печат“ истакна дека ако Димитровска од морални причини си даде оставка, ќе покаже дека има етика и морал во неа.

-Собранието мора да поднесе барање за нејзино разрешување. Не може да биде немо и глуво. Собранието е работодавач на ДКСК, треба да ги свика пратениците, да побараат одговорност за оваа личност. Законски имаат можност да покренат постапка за нејзиното разрешување. Бидејќи таа веќе 2 месеци ја има изгубено способноста да работи поради мерките за претпазливост. Така што, треба да поднесат барање до комисијата за избор и именување и да побараат да биде разрешена, изјави за „Слободен печат“ Камиловска Трповска. 

Таа смета дека уште во процесот на селекција, во гласањето можело да се види дека процесот бил испартизиран.

-Не на начин власта и опозицијата да гласаат заеднички, туку на начин што сите партии имале договор за тоа кои ќе бидат членовите, ни рече Камиловска Трповска. 

Адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска која аплицираше за претседателка на Антикорупциска, но не беше избрана туку на нејзино место беше избрана Димитровска, за „Слободен печат“ вели дека таа треба да си даде оставка.

Како дел од документите што се потребни за аплицирање за претседател на Државната комисија за спречување корупција, се уверенијата дека против вас не се води кривична постапка и дека не сте кривично осудувани. Истиот принцип треба да важи и во текот на траењето на целиот мандат и затоа претседателката на ДКСК треба да биде разрешена или да си даде оставка, бидејќи против неа е покренато обвинение, изјави за „Слободен печат“ Јошевска Анастасовска. 

Јован Андоновски, заменик правобранител, при изборот на Татјана Димитровска ја фалеше сесрдно во Собранието и за одговорите и за биографијата, но по покренатото обвинение го промени мислењето.

Како член на собраниската комисија за избор на новиот состав на ДКСК, дадов поддршка за изборот на Татјана Димитровска, верувајќи во нејзината стручност и интегритет. Денес, кога против неа е покрената постапка за предавање службени тајни и компјутерски фалсификат, а има и изречена мерка за забрана на вршење функција, со жалење констатирам дека нејзиното останување на функцијата ѝ нанесува сериозна штета на ДКСК и на борбата против корупцијата. Ја повикувам Татјана Димитровска да поднесе оставка – самостојно, достоинствено и одговорно. Таа должи отчет пред јавноста и пред институцијата која ја претставува. Останувањето на функцијата во вакви околности е неприфатливо, напиша тој.  

Поранешната претседателка на ДКСК Билјана Ивановска за „Слободен печат“ истакна дека согласно Деловникот за работа Собранието има алатки на располагање, кои во конкретниот случај смета дека треба да да ги употреби.

Ова дотолку повеќе што Собранието покрај тоа што врши избори, именувања исто така врши и разрешувања на носители на јавни и други функции на начин утврден со Уставот и со закон.
Наједноставно е претседателката да си поднесе оставка бидејќи, секој носител на јавна или друга функција што го избира или именува Собранието има можност да поднесе оставка и истата да ја образложи, а Собранието на првата наредна седница, без претрес, да констатира дека на носителот на јавната или друга функција мандатот му престанува, вели Ивановска.

Според неа, за работа на носител на јавна функција, Собранието може да расправа по поставена Интерпелација.

Имено, најмалку пет пратеници, може да поднесат интерпелација до Претседателот на Собранието, кој веднаш треба да ја достави до оној на кого му е упатена и до пратениците. Интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието, по истекот на 10 дена од денот на доставувањето на одговорот до пратениците. Исто така, Собранието со одлука може да основа повремени работни тела – анкетни комисии за сите области и за секое прашање од јавен интерес. Согласно Законот за спречување корупоција и судир на интереси и ДКСК може пред Собранието да поднесе Иницијатива за утврдување одговорност на претседателката, по што би следело нејзино разрешување. Има законски можности и начини за делување кои треба да се употребат, бидејќи доколку Собранието и понатаму не реагира согласно своите законските надлежности, во јавоста се создава перцепција дека презема заштитничка улога кон личност за која ЈО покрена обвинение, тврди Ивановска. 

Антикорупциска пак преку соопштение тврди дека Собранието треба да донесе одлука за престанок на функцијата и разрешување на претседателката.

Поднесување на оставка како морален чин е одлука и право на самата Претседателка. Имајќи предвид дека во конкретниот случај станува збор за индивидуална одговорност, Државната комисија работи и ќе продолжи да работи и да ги извршува своите надлежности пропишани со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Сепак, во интерес на непречено работење и успешно остварување на целта и надлежностите на Државната комисија цениме дека е исклучително важно Државната комисија да функционира во полн состав. Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција согласно изречените мерки од надлежниот суд, во изминатиот период не доаѓа на работа, велат оттаму. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот