Лентите за мерење на шеќерот што ги добија дијабетичарите, биле донација а не дел од тендерот
Лентите за мерење шеќер што ги земаа пациентите минатата недела од инсулинските аптеки во државата, биле донација. Министерството за здравство за „Слободен печат“ во одговор на прашање тврди дека обезбедиле донација „со цел справување со предизвиците наметнати од минатогодишната ненавремена спроведена постапка за распишување јавна набавка“. Голготата на пациентите со дијабетес каде тие 8 месеци набавуваа неопходни препарати за контролирање на шеќерот од сопствен џеб, сега се санира со донации. Здруженијата на пациенти кои боледуваат од дијабетес веќе почна правна постапка за да си ги наплати парите од изминатите осум месеци кога тендерот доцнеше, а поради тоа немаше доволни количества на ленти и глукомери како ни игли. Тендерот се распишува секои 2 години, но завршил на крајот од 2022 година, а нов не бил распишан до април. Така се истрошија залихите од претходните две години па дијабетичарите паднаа во немилост.
Препорачано
„Министерството за здравство за задоволување на потребите на пациентите со дијабет обезбеди донација на ленти за мерење шеќер, со цел справување со предизвиците наметнати од минатогодишната, ненавремено спроведена постапка за распишување на оваа јавна набавка. Ова беше со цел пациентите да бидат обезбедени со ленти во краток временски период, додека да пристигнат новите ленти, обезбедени преку јавната набавка што годинава ја спроведе Министерството. Лентите за мерење шеќер, обезбедени преку донација веќе се дистрибуирани до инсулинските аптеки и се компатибилни со постојните апаратчиња за мерење шеќер. Новите ленти за мерење шеќер, коишто се обезбедени преку јавната набавка ќе се компатибилни со нови апаратчиња за мерење шеќер, кои исто така се набавени и ќе се дистрибуираат во наредниот период“, велат од МЗ за „Слободен печат“.
Пациентите со дијабетес побараа од Министерството, откако ќе дојдат лентите и иглите, како и антидијабетната терапија, таа да им биде доставена во износ од сите количества кои ретроактивно, осум месеци ја набавуваа од свој џеб. Доколку ова не биде прифатено од министерството, тогаш како што кажа за „Слободен печат“ претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари Диме Велев, ќе следува колективна тужба. Дијабетичарите исто така побараа, процесите на набавки во Министерството за здравство да бидат автоматизирани и да престанат да зависат од смената на службеници и министри. Според нив, здравјето и менаџментот на нивната болест, не смее да биде заложник на партиска промена на кадри на министерски позиции.


