Лекарот кој прегази куче во Софија избегал дома во Делчево, кај нас му направија група за поддршка
Докторот од Македонија, кој деновиве е цел на напади во Бугарија откако со автомобил прегази куче кое лежеше на тротоар во Софија, ја напуштил соседната држава, исплашен од реакциите и заканите што ги добива, пишуваат бугарските медиуми.
Препорачано
Д-р Ненад Цоневски, според медиумите, е суспендиран од неговото работно место на софиската Воено-медицинска академија додека трае истрагата за инцидентот и тој заминал во родното Делчево. Активисти за правата на животните од Бугарија и Македонија во изминатите денови жестоко реагираа, нарекувајќи го докторот „убиец“.
Во меѓувреме, во Македонија се појави група за поддршка на д-р Цоневски. Членовите во писмо испратено до медиумите велат дека тој „ненамерно згазил улично куче“ и дека тоа „може да му се случи на секој возач“.
„Ние, група на граѓани за поддршка на Д-р Ненад Цоневски и сакаме јавно да ја изразиме нашата морална поддршка за докторот Ненад Цоневски – наш сограѓанин кој е млад и перспективен човек, а кој неодамна ненамерно згазил улично куче во Бугарија — несреќен настан што може да му се случи на секој возач. Сметаме дека е неправедно овој несреќен случај да се користи за јавна осуда и навреди кон еден човек кој својата кариера и живот ги посветил на помагање на другите. Доктор Ненад Цоневски е првенец на својата генерација, завршил медицински факултет со исклучителен успех и моментално специјализира хирургија. Познат е по својата посветеност, хуманост и скромност“ се вели во писмото.
Поддржувачите на докторот велат дека „во најтешките моменти, како што беше трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани, тој беше меѓу првите кои понудија помош —од транспортот на повредените на аеродром до давање медицински информации на семејствата, а донираше и крв и финансиски средства за повредените македонски деца низ цела Бугарија. Иако имаше значаен придонес, од своја скромност никогаш не побара јавно признание“.
Затоа, членовите на групата апелираат до македонската јавност „да се воздржи од осуди и навреди и да се потсетиме дека човечноста се покажува токму во моменти кога некој ненамерно направил грешка“.
„Доктор Ненад Цоневски останува добар, чесен и совесен млад човек кој заслужува поддршка, а не осуда“, велат неговите поддржувачи.


