Снимка од безбедносните камери го покажува инцидентот/Фото: Скриншот

Софиската ВМА го суспендираше македонскиот лекар кој прегази куче, неговата гаража стана мета на вандали

По вчерашниот инцидент во Софија, во кој лекар од Македонија прегази маалско куче, денеска Воено-медицинската академија, каде што тој работи, соопшти дека до завршување на истрагата, д-р Ненад Цоневски нема да ги извршува своите службени должности.

БНТ објави дека младиот доктор, кој признал во полицијата дека го прегазил кучето со ненамерен маневар, има казни за пребрзо возење во вредност од 1.650 лева. Доколку се докаже дека Маја била прегазена намерно со посебна суровост, виновникот може да добие до 8 години затвор.

Докторот бил исплашен од жестоките реакции на инцидентот и избегал од Бугарија, дознава порталот Lupa.bg.

„29-годишниот специјалист по торакална хирургија се вратил во својата родна Северна Македонија. Исплашен од растечкиот гнев против него, тој заминал во понеделник вечерта, 10 ноември. Ова им го потврдија на медиумите соседите на Македонецот, кој веќе неколку месеци живее во новоизградена зграда на улицата „Пчиња“. Д-р Цоневски им рекол на своите колеги во Воено-медицинската академија дека додека не помине бурата, ќе биде во својот роден град Делчево во Северна Македонија. Младиот доктор заминал кратко откако обвинител му дал објаснувања. Тој инсистирал пред истражителите дека ја прегазил 14-годишната Маја ненамерно и без намера. Брзал во болница на итна операција. Сепак, се покажало дека тој ден не бил на работа“, пишува порталот.

Вандализам и закани кон лекарот

И по убиството на кучето Маја во населбата Расадник во главниот град, вандали се обиделе да ја запалат гаражата пред која било прегазено животното, а на социјалните мрежи расте незадоволството од инцидентот како и заканите по живот за лекарот. Бугарската телевизија разговараше со соседите на Цоневски кои биле сведоци на вандализмот кој се случил потоа на местото кадешто живее тој.

„Луѓето доаѓаа тука апсолутно цел ден барајќи го дотичниот човек. Бараа пресметка со него. Им објаснивме на сите дека тој не живее тука. Се исели оттука. Го натовари багажот од другата страна затоа што беше исплашен, се надевам дека се срами“, рече Ива Јонкова.

Сепак, околу полноќ, Ива видела млади луѓе низ прозорецот како ги прскаат гаражите со боја во спреј.

„Потоа експлодираа две шишиња и избувна пожар“, додаде Ива Јонкова.

Гаражата пред која беше прегазена Маја е покриена со чад. А влезот на паркингот е испишан со навреди. На вратата од гаражата на докторот со големи букви е испишано „убиец“.

„Ве молам, не нè вознемирувајте. Сите сакаме правда. За мене, ова е вандализам, а не начин“, рече Ива Јонкова.

Од друга страна здружението „Невидливи животни“ често добива пријави за насилство врз кучиња и мачки скитници.

„И се жалат на недостатокот на реакција од полицијата. Она што им советуваме на луѓето да го направат е да соберат докази, видео материјали, лични податоци, а исто така да ги пријават во обвинителството“, коментираше Стефан Димитров, претседател на здружението „Невидливи животни“.

Ова здружение реагира и на претходни случаи на осакатени животни во други околности за кои се грижи, додека наводните сторители на насилство врз животните се на слобода. Бугарското Министерство за внатрешни работи информира дека од почетокот на годината започнати се 437 истраги за нелегални борби, злоупотреба и суровост кон животни. 257 од нив се префрлени во обвинителството. Најголем број пријави се поднесени во Софија, Пловдив и Бургас.

ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО | Лекар од Македонија прегази куче во Софија: Го виде под тркалото и продолжи да вози преку него

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот