Лекари откриваат кои сетила прво исчезнуваат и што чувствуваме пред смртта
Иако смртта отсекогаш го фасцинирала човештвото, сè уште има малку докази за тоа како се чувствува една личност или што доживува во своите последни моменти.
Препорачано
Причината за ова е едноставна – информациите доаѓаат најчесто од роднините, саканите лица или медицинскиот персонал кои го набљудуваат пациентот, додека непосредните сведоштва на оние што се збогуваат со светот речиси и да не постојат.
Во повеќето случаи, пациентите се премногу болни, летаргични или несвесни за да дадат какво било објаснување. Смртта така и понатаму останува обвиткана во мистерија, објавува „Мирор“.
Денес, благодарение на модерната медицина, пациентите со терминални болести ги проживуваат своите последни моменти опкружени со нега и внимание што им овозможува да поминат уште малку време со своите најблиски.
Кај повеќето такви луѓе, последните денови се обележани со ненадејно влошување на состојбата, процес што експертите го нарекуваат „активно умирање“.
Експертот за палијативна нега на Универзитетот Стенфорд, Џејмс Халенбек, објаснува дека во тие денови, пациентите обично ги губат сетилата и апетитот по одреден редослед.
Во својата книга „Перспективи на палијативната нега“ (Palliative Care Perspectives), наменета за лекари, тој навел:
„Прво исчезнува чувството на глад, а потоа на жед. Потоа се губи говорот, па видот. Последните сетила што обично исчезнуваат се слухот и допирот.“
Исто така, постои широко распространето верување дека луѓето гледаат „блескава светлина“ во моментот на смртта. По тој повод, директорот на Центарот за истражување на повреди на мозокот на УКЛА, Дејвид Ховда, објаснува дека мозокот „почнува да жртвува делови што не се критични за преживување“.
Како што мозокот почнува да се менува и полека „умира“, различни делови се иритираат, од кои еден е визуелниот систем – што може да објасни зошто луѓето гледаат светлина во тие моменти.
Ова зголемено искуство на сетилата делумно го потврдува она што научниците го разбираат за реакциите на мозокот во моментот на смртта.
Невроистражувачот од Универзитетот во Мичиген, Џимо Бориџин, забележува дека мозокот во моментите пред смртта го зголемува производството и ослободувањето на хемикалии.
Тој додава дека луѓето што преживеале срцев удар често опишуваат „неверојатно искуство“, во кое ја гледаат светлината и чувствуваат сè „пореално од реално“. Бориџин го припишува токму на ненадејното ослободување на хемикалии директно од мозокот.
Во последните часови, пациентите престануваат да јадат и пијат, го губат видот, а очите полека ги затвораат додека изгледаат како да спијат.
„Од овој момент па натаму… можеме само да претпоставуваме што всушност се случува. Мојот впечаток е дека ова не е кома, состојба на несвест, како што мислат многу семејства и експерти, туку нешто слично на сон“, објаснува Халенбек.
Тешко е да се одреди точниот момент кога се случуваат овие промени.
„Тоа е како доаѓање на бура. Брановите почнуваат да растат. Но, никогаш не можете да кажете кога всушност започнале брановите. Брановите стануваат сè повисоки и на крајот го носат лицето во морето“, заклучува Халенбек.


