Лејди Гага го откажа последниот настап на турнејата: „Се борам со респираторна инфекција, состојбата се влоши“
Пејачката Лејди Гага го откажа својот последен настап на турнејата поради совет од лекар. Таа на својот Инстаграм објави дека ќе го откаже третиот, а воедно и последен концерт во „Бел Центар“ во Монтреал поради респираторна инфекција.
Препорачано

„Жал ми е што морам да споделам дека не можам да настапам вечерва и морам да го откажам концертот. Во изминатите неколку дена се борам со респираторна инфекција и правам сè што можам за да се одморам и опоравам, но состојбата се влоши. Мојот лекар ме советуваше денес да не настапувам и не мислам дека би можела да ви пружам квалитетен настап каков што заслужувате. Знам колку ова е разочарувачки и не можам да се чувствувам полошо бидејќи ве изневерив“, наведе Гага.
Воедно, таа упати извинување до публиката која планирала да дојде и да ја поддржи.
„Да бидам во Монтреал и да настапувам за вас во четврток и петок беше магично и значајно. За сите кои вечерва требаше да дојдат, сакам да знаете дека моето срце е скршено и многу ми е жал“, порача таа.
Гага претходно одржа концерти во Монтреал во четврток и петок, како дел од нејзината турнеја „Мејхем Бол“. По овие концерти следат уште три настапи, вклучувајќи два во Сент Пол во Минесота и еден во „Медисон Сквер Гарден“ во Њујорк.
Во септември, турнејата беше проширена со нови датуми и градови за 2026 година. Новата серија концерти започна во февруари во Глендејл, Аризона, со настапи и во Бостон, Вашингтон и Монтреал, меѓу другите северноамерикански градови.
Пејачката претходно мораше да го промени распоредот на неколку датуми од турнејата, вклучувајќи го и концертот во Мајами во „Касеја Центар“ на 13 март, откако мораше да го откаже на 3 септември поради проблеми со гласните жици. Гага ја најави турнејата „Мејхем Бол“ во март 2025 година, истакнувајќи дека првично не планирала да го прошири почетниот сет концерти во Сингапур, но по реакцијата на албумот „Мејхем“, тоа ја инспирирало да продолжи.
„Овој пат избравме арени за да имаме можност да контролираме детали од концертот на начин на кој тоа едноставно не е возможно на стадиони, и искрено едвај чекам“, наведе таа претходно.


