Легендарниот Дејвид Атенборо наполни 100 години: „Преплавен сум од пораките што ги добив“
Легендарниот британски природонаучник, автор и телевизиски водител Дејвид Атенборо денеска го слави својот 100. роденден, а по тој повод откри дека е „целосно преплавен“ од честитките што ги добил од луѓе од целиот свет.
Препорачано
Во аудио-порака објавена од Би-би-си, Атенборо признал дека првично сакал роденденот да го одбележи мирно и далеку од јавноста.
„Навистина мислев дека тивко ќе го прославам мојот 100. роденден, но изгледа дека многумина од вас имаа други идеи“, изјавил тој.
„Целосно сум преплавен од роденденските честитки – од предучилишни групи до жители на домови за стари лица, како и безброј поединци и семејства од сите генерации“, додал Атенборо.
Тој им се заблагодарил на сите што му испратиле пораки, додавајќи дека не е во можност лично да им одговори на сите.

Дејвид Атенборо е роден на 8 мај 1926 година во Ајлворт, Англија. Уште како дете собирал фосили, камења и природни примероци, а љубовта кон природата подоцна ја претворил во една од највлијателните телевизиски кариери во историјата.
Во Би-би-си се вработил во 1952 година, а светска популарност стекнал со серијалот „Зоо потрага“ („Zoo Quest“), кој првпат се емитувал во 1954 година. Низ следните децении стана препознатлив по документарните серии „Живот на Земјата“ („Life on Earth“), „Сината планета“ („The Blue Planet“), „Планета Земја“ („Planet Earth“), „Животот на птиците“ („The Life of Birds“) и многу други продукции што поставија нови стандарди во телевизиската документаристика.

Неговиот препознатлив тивок глас, внимателниот начин на раскажување и неверојатните снимки од дивиот свет го направија еден од најпочитуваните телевизиски автори во светот.
Освен по документарците, Атенборо е познат и како еден од најгласните поборници за заштита на природата и борбата против климатските промени. Во последните години неговите филмови сè почесто предупредуваат на уништувањето на екосистемите, загадувањето и исчезнувањето на животинските видови.
Во негова чест, вечерва во лондонската сала „Ројал Алберт хол“ ќе се одржи специјален концерт, кој Би-би-си ќе го емитува на „Би-би-си уан“ и „Ајплеер“.

Настанот ќе го води водителката Кирсти Јанг, а меѓу гостите ќе бидат и Мајкл Пејлин, Стив Бекшал, Лиз Бонин и Крис Пакхам, кои ќе зборуваат за неговиот живот и влијанието што го остави врз документаристиката и заштитата на природата.
Во текот на вечерта ќе бидат прикажани и некои од најпознатите моменти од неговата кариера, проследени со музика инспирирана од серијалите „Планета Земја“ („Planet Earth“), „Замрзната планета“ („Frozen Planet“) и „Сината планета“ („The Blue Planet“).
Во чест на неговиот јубилеј, Природонаучниот музеј во Лондон именуваше и нов вид паразитска оса по него – „Атенборонкулус тау“ („Attenboroughnculus tau“). Ова е само еден од бројните животински и растителни видови што низ годините го добиле неговото име.


