Лазаров пред Силкеборг: Името на противникот и државата од која доаѓа кажува за квалитетот
Aлкалоид по еден пораз и реми го чека третиот натпревар од Европската лига и втор на домашен терен,. Утре во „Јане Сандански“ момците на Лазаров со почеток од 18:45 часот ќе играат против Бјерингбро/Силкеборг.
Препорачано
Пред овој натпревар денес тренерот Кире Лазаров и ракометарот Иван Џонов зборуваа на прес-конференцијата пред новинарите.
„Самото име на противникот и државата од којашто доажа кажува за неговиот квалитет. Данска екипа која со години наназад изборува пласман во Европа. Знаеме дека нивната лига со години е одлична и може да се вброи во топ-3 во Европа. Инвестициите што ги направија оваа година, со враќање на еден од најдобрите нивни домашни играчи во последниве години, заедно со Хансен, тоа е Расмус Лауге, укажува на тоа дека треба да бидеме конкурентни со нивната млада и недоволно искусна екипа во европски рамки“, изјави Лазаров.
Џонов смета дека клучот до победата е дисциплинирана игра во нападот.
„Екипа којашто е составена од релативно млади играчи, но помогнати со неколку искусни ракометари и можам да кажам ѕвезди како Расмус Лауге и Тофт Хансен. Силкеборг е типична скандинавска екипа, која игра брз ракомет. Акцентот го ставаат на тврдата одбрана и брза транзиција. Тоа ќе биде и нашиот најголем предизвик, да пробаме да играме дисциплинирано во нападот“, најави Џонов.


