
Лазаров: Им честитам на ракометарите, веруваме во системот, во стратегијата и навивачите
Одличен настап на македонската ракометна репрезентација беше крунисан со победа против селекцијата на Катар со 39:34 (21:17) во второто коло од главната фаза на Светското првенство.
Препорачано
Фокусот од самиот старт на мечот, како и големата желба за победа, ги доведоа избраниците на Кирил Лазаров до првиот триумф во главната фаза на турнирот.
Играчите ги одржуваат и надежите дека би можеле, по некоја теорија, да го обезбедиме второто место во новоформираната група, која би ги однела во големото четвртфинале.
– Им честитам на момците за победата. Тешко е да се биде фокусиран веќе пет мечеви против квалитетни репрезентации. Верувам во тоа што го работиме, во системот, стратегијата, во навивачите. За главната фаза немаме голем број на наши фанови, им ја посветуваме победата на навивачите кои не се тука од почетокот на СП. Франција е фаворит, не само во нашиот меч, туку и за златниот медал на СП. Самото присуство за нас на Мундијалот е големо искуство. Французите се во страшен ритам, имам колеги со кои настапував две-три години од Нант, и со доста други ѕвезди во тимот, ќе се обидеме да играме на друг начин. Нема што да загубиме, одиме да се надигруваме и да се понадеваме на некој добар наш период во тој натпревар – изјави селекторот на Македонија, Кирил Лазаров за Македонската Телевизија.
Во следното коло македонската селекција в сабота ќе игра против Франција (20.30 часот), додека Катар ќе ги одмери силите со Унгарците.
Петар Атанасијевиќ по мечот кажа дека репрезентацијата беше мотивирана за победа на денешниот дуел:
– Бевме мотивирани да извлечеме победа, ова е групна фаза, сакаме да победуваме. Сите го дадоа максимумот, од прв до последен и заслужено се радуваме. Франција е една од најдобрите репрезентации во Европа, ќе играме мотивирани, па што биде, нека биде. Мотив плус е да се игра против Франција, против ѕвезди кои некогаш си ги гледал на Телевизија, а сега имаш шанса да играш против нив – рече Атанасијевиќ за МТВ.