Ланскиот пожар во кумановскиот суд настанал поради краток спој на електрична инсталација
Јавното обвинителство нема да постапува за ланскиот пожар во кумановскиот суд, бидејќи настанал поради краток спој на електрична инсталација и не е резултат на човечки фактор.
Препорачано
– Врз основа на целокупниот прибран доказен материјал, видеоснимки и извршени вештачења кои укажуваат дека причина за пожарот во Основниот суд во Куманово е краток спој на електрична инсталација, јавниот обвинител донесе резолуција дека нема основ за јавнообвинителско постапување, бидејќи е утврдено дека пожарот не е резултат на човечки фактор и не е намерно подметнат – информираат од ЈОРСМ за МИА.
Минатата година на 11 јули пожар избувна во подрумските простории на кумановскиот суд, а зафатена беше просторија со архива.
Пожарникарите го гасеа чадот три дена, поради напластената архива и документи од каде постојано чадеше.
Во просторијата каде што избувна пожарот имаше архива и документи, предмети од 1952 година од 70-тите и 80-тите години од минатиот век. Увидот го спроведуваше Вишото обвинителство од Скопје, за да се одбегне судир на интереси бидејќи кумановското Обвинителство е сместено во иста зграда, ист објект со Основниот суд. Во увидот учествуваа и екипи на од СВР Куманово, кримтехника, инспектор за пожари и вешто лице електроинженер.


