Култната романтична комедија „Од 13 на 30“ ќе добие нова верзија, Џенифер Гарнер повторно ќе биде вклучена
Популарната романтична комедија „Од 13 на 30“ (13 Going on 30) добива нова верзија, која се подготвува за платформата Нетфликс. Во главните улоги ќе се појават Емили Бејдер и Логан Лерман, додека Џенифер Гарнер, ѕвездата на оригиналниот филм, ќе биде дел од проектот како извршен продуцент.
Препорачано
Режијата е доверена на Брет Хејли, кој повторно соработува со Бејдер по успехот на нивниот заеднички филм „Луѓето кои ги среќаваме на одмор“ (People We Meet on Vacation). Сценариото го потпишува Хана Маркс, со дополнителни доработки од Флора Грисон.
Деталите за приказната засега не се откриваат, но новиот проект се најавува како модерна интерпретација на култниот филм од 2004 година.
View this post on Instagram
Оригиналот „Од 13 на 30“ ја следи приказната за тинејџерката Џена Ринк, која магично се буди како 30-годишна жена и се соочува со предизвиците на возрасниот живот, откривајќи што навистина сака и кој е нејзиниот вистински пат. Во филмот, возрасната Џена ја играше Џенифер Гарнер, а нејзин партнер беше Марк Руфало.
Филмот доживеа голем успех, со заработка од околу 96 милиони долари ширум светот, и со текот на годините стана омилен кај публиката, што го направи идеален кандидат за нова верзија.
Режисерот Хејли изјави дека станува збор за „еден од ретките совршени филмови“ и дека новата адаптација доаѓа со голема одговорност.
„Ова е филм кој е смешен, емотивен и длабоко човечки. Да се работи на нова верзија носи огромна одговорност, особено со оглед на тоа колку многу значи за публиката“, изјави тој.
Тој додаде дека е особено значајно што Џенифер Гарнер е дел од проектот, бидејќи токму таа имала клучна улога во успехот на оригиналниот филм.
Новата верзија на „Од 13 на 30“ доаѓа во време кога Нетфликс сè почесто инвестира во романтични приказни со познати имиња, а очекувањата се дека овој римејк ќе привлече големо внимание и од новата и од старата публика.


