Фото: Приватна архива

Кујнското катче на Ана Крстаноска: Пирошки со компири

Ана Крстаноска е млада и креативна жена, која стои зад еден од најубавите инстаграм-профили за храна кај нас – „Ана кичен корнер“ (ana_kitchen_corner).

Готвењето ѝ е вистинска пасија и хоби на кое му пристапува со голема љубов и посветеност.

– Приготвувањето храна го доживувам како мое хоби, кое го надополнувам со многу љубов и внимание секогаш кога сум во можност. Среќна сум кога им спремам нешто вкусно на моето семејство и на моите пријатели и токму тоа ми ја полни душата со позитивна енергија – вели таа.

Денеска ви го претставуваме нејзиниот рецепт за пирошки со компири.

– Мајка ми многу често ги правеше овие пирошки и ми се многу убав спомен. Крцкави однадвор, а меки однатре – фантазија – вели Крстаноска.

Фото: Приватна архива

Потребни состојки:

За тесто:

  • 700 грама брашно
  • 300 грама компири
  • 4 жолчки
  • 1 свеж квасец
  • 200 грама топло млеко
  • 100 грама маргарин
  • 1 лажиче сол

За фил:

  • Рендана салама
  • Рендан кашкавал
  • Рендани кисели краставички

За горен дел:

  • 4 белки
  • 200 грама презла

Подготовка:

Најпрво, сварете ги компирите. Кога ќе бидат готови, испасирајте ги со виљушка, па додајте маргарин и сол и убаво промешајте.

Растворете го квасецот во топлото млеко и почекајте околу пет минути.

Ставете го брашното во друг сад и додавајте ги сите состојки постепено – жолчките, млекото со квасецот и компирите. Замесете меко тесто кое не се лепи. По потреба, додајте уште малку брашно, иако јас немав потреба при мојата подготовка.

Засукајте кора што нема да биде многу тенка и исечете правоаголници. Потоа ставете од филот и затворете ги прво од горниот дел за да не истече филот, па свиткајте ги како ролатче. Наредете ги добиените пирошки во намасен плех.

Потоа извалкајте ги пирошките во белка, па во презла и испржете ги во загреано масло од двете страни додека не станат златни.

Доколку имате поголемо тенџере, слободно можете да ги пржите сите пирошки наеднаш. Тие бргу се пржат и бргу ќе можат да се најдат на вашата трпеза.

На здравје!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот