Кујнското катче на Ана Крстаноска: Крем-салата со кикиритки
Ана Крстаноска е млада и креативна жена, која стои зад еден од најубавите инстаграм-профили за храна кај нас – „Ана кичен корнер“ (ana_kitchen_corner).
Препорачано
Готвењето ѝ вистинска пасија и хоби на кое му пристапува со голема љубов и посветеност.
– Приготвувањето храна го доживувам како мое хоби, кое го надополнувам со многу љубов и внимание секогаш кога сум во можност. Среќна сум кога им спремам нешто вкусно на моето семејство и на моите пријатели и токму тоа ми ја полни душата со позитивна енергија – вели таа.
Денеска ви го претставуваме нејзиниот рецепт за крем-салата со кикиритки.
– Доколку сакате да пробате нешто ново брзо и вкусно, тогаш ова е совршен избор – вели Крстаноска.

Потребни состојки:
– 300 г пилешко месо
– 300 г мајонез
– 250 г кисела павлака
– 70 г препечен сусам
– 70 г печени кикиритки
Подготовка:
Најголемиот дел од подготовката го одзема пилешкото месо, бидејќи треба да се свари. Првиот чекор е да го сварите месото во солена вода. Кога ќе биде готово, месото префрлете го во сечко и исечкајте го за да избегнете големи парчиња.
Потоа и кикиритките ставете ги во сечко и иситнете ги на ситно.
Сусамот потпечете го на тава без масло, сосема кратко колку да добие златна боја.
Ставете ги павлаката, мајонезот, месото, кикиритките и сусамот во еден поголем сад. Измешајте ги сите состојки и ќе добиете прекрасна кремаста салата со феноменален вкус.



