Фото: EPA/ERNESTO MASTRASCUSA

Куба на тркала му пркоси на Трамп, а тој ја тркала кон бездна

Транспортот во Куба е парализиран, нема настава на многу места и летови се откажуваат. Дури и пристапот до вода е загрозен зашто зависи од системи кои бараат гориво или струја. Во такви услови, Вашингтон може на крајот да се најде во апсурдна позиција, да треба да ја „спасува“ Куба од состојба што самиот ја поттикнал.

Кубански активисти на велосипеди и на електрични трицикли во четвртокот продефилираа по хаванското шеталиште Малекон, рамо до рамо со претседателот Мигел Дијас-Канел, како знак на пркос во време кога Америка се обидува да го остави островот без гориво. Учесниците во караванот, организиран од владата, поминаа покрај Амбасадата на САД, а на нивните возила беа истакнати знамиња и транспаренти против санкциите што ѝ ги воведе администрацијата на претседателот Доналд Трамп на земјата. Учесниците на собирот изјавија дека се за разговори со САД, но побараа почит кон Куба.

Овој настан се случува за време на засилена нафтена блокада со која Вашингтон ја доведе Куба во состојба на длабока криза. Транспортот во земјата е парализиран, нема настава на многу места и летови се откажуваат. Дури и пристапот до вода е загрозен зашто зависи од системи кои бараат гориво или струја. Во такви услови, Вашингтон може на крајот да се најде во апсурдна позиција, да треба да ја „спасува“ Куба од состојба што самиот ја поттикнал.

— Куба е во многу лоша состојба, многу бргу ќе направиме нешто со неа — изјави Трамп.

Тоа „нешто“ засега останува нејасно, но самата реторика отвора простор за сценарија што би значеле силна интервенција во кубанската власт, а можеби и во самиот државен систем, односно отворање кон пазарен модел.

Дали со војска или со стратегија на економско истоштување, или, пак, со двете, Трамп сака да ја принуди кубанската власт да прифати длабоки промени за да опстане, секако, таквиот пристап е ризичен зашто може да ги урне токму институциите што се потребни за каква било контролирана транзиција во структура што би одговарала на сегашните интереси на САД.

Америка сега ја проектира сликата на сила што може за еден ден да отстранува лидери на држави како Венецуела и Иран – порака што е многу страшна за Куба. Американската војска влезе во Венецуела и експресно го „уапси“ Николас Мадуро, додека луѓето од неговото опкружување што ја презедоа власта сега „соработуваат“ со Вашингтон. Силите на САД и Израел, исто така, инстантно ги ликвидираа ајтолахот Али Хамнеи и други високи ирански политички и воени функционери. Но, за разлика од Венецуела, Америка заглави во Иран и војната се одолговлечи, па вториот пример го проблематизира воениот успех на САД. Но, Трамп сѐ уште е во залет, пред да почне да слабее сликата за американската моќ поради тешкотиите што искрснуваат во Иран бидејќи Техеран не се откажува од нападите врз американски и израелски цели. Сепак, за разлика од далечниот за Америка Блиски Исток, Јужна Америка е поблиску, па САД имаат поголеми географски предности за воена интервенција, доколку се решат на таков чекор.

Куба вели дека ќе ослободи над 2.000 затвореници, дали земјата попушта под притисокот на Трамп?

Русија е тука, но колку да се рече

Антагонизмот помеѓу САД и Куба не е ништо ново, а американскиот капиталистички светоглед е во судир со комунистичката идеологија уште пред Студената војна. Америка историски го претставува комунизмот како чудовиште што ќе ѝ го испере умот и „ќе ги уништи нејзините вредности“, нешто што се одразува дури во поп-културата и во пропагандните американски филмови низ историјата, идеја што се пропагира дури и пред Студената војна. Трамп дури и напомена дека некои негови пријатели, кои се богати бизнисмени, наводно страдале многу од комунистичките режими во Јужна Америка. Сепак, тој наратив е само оправдување, а подлабоко лежат други пориви и интереси бидејќи Куба не е сериозна закана за САД.

Судирот меѓу САД и Куба е историски, а Куба во 1960-те е идеолошкиот помал и послаб брат на тогашниот Советски Сојуз, но брат што живее во американското соседство. Свежата Кубанска револуција, по соборувањето на диктаторот Батиста, отвори простор островот да стане нова фронтовска точка во Студената војна и директен предизвик за Вашингтон во сопствениот двор. Најопасниот миг во таа конфронтација е Кубанската ракетна криза во 1962 година, по неуспешната инвазија во Заливот на свињите една година претходно, кога Фидел Кастро уште поцврсто се приклонува кон Москва. Советскиот Сојуз потоа тајно распоредува нуклеарни ракети во Куба, а кога Вашингтон ги открива, светот се наоѓа најблиску до директна нуклеарна војна, бидејќи и најмал погрешен потег може да предизвика катастрофа. Русија и Америка потоа се договараат да не се доведуваат до таква ситуација.

Динамиките се сменети оттогаш, а сега Кремљ умерено им помага на земјите што се во конфликт со САД, како што се Иран, Венецуела и Куба, со разузнавачки информации, со дипломатски интервенции и, во случајот со Куба, со нафта. Во вторникот, руски танкер под руско знаме со околу 700.000 барели сурова нафта пристигна на нафтениот терминал Матансас во Куба, а Трамп одобри исклучок од хуманитарни причини. Кремљ во четвртокот објави дека планира да испрати и втор танкер за Куба.

Но, Путин има интереси кои не се поврзани само со историската блискост со Куба поради идеолошки причини бидејќи таа историска блискост постои и поради геостратешки интереси. Како што е Блискиот Исток територија за прокси-војна и за американска проекција на моќ релативно блиску до Русија, во кој Америка со децении поттикнува и учествува во разни војни и конфликти, така Куба е простор за руска проекција на моќ врз Америка.
Сепак, во овој случај, реториката на Кремљ е поблага, веројатно поради геополитичките интереси и можноста повторно да се факторизира, преку подобрените односи со САД. Трамп има полабав однос кон Путин, за разлика од администрацијата на Џо Бајден, а Русија сака да ја задржи таа динамика. Затоа, Куба во мигов не може да се надева на голема поддршка од Кремљ, особено и бидејќи приоритетот му тековната војна со Украина на која троши многу ресурси.

Америка чекори по лизгав терен

Сепак, тензијата помеѓу САД и Куба може да стане предвесник на воена криза. Економскиот притисок многу лесно може да стане „од играчка — плачка“. Инцидентот од февруари, кога кубанските сили пресретнаа пловило од САД и дојде до престрелка со жртви, покажа колку е тенка линијата меѓу блокадата и директниот воен судир. Во еден таков хипотетички судир, според аналитичарите, Куба нема изгледи за воена победа, но други проблеми може да го отежнат патот кон целта на Америка. Вашингтон мора да ја земе предвид и можноста од државен распад, нов бран миграција и поширока регионална нестабилност.

Продолжувањето на блокадата, пак, не е решение и отвора пат кон хуманитарна катастрофа. Наспроти тоа, преговарачки модел, во кој условната помош би била поврзана со надзор, гаранции и меѓународно присуство, би можел да ги зачува основните функции на државата и истовремено да отвори политички и економски простор за преговори. Исто така, можно е и пошироко мултилатерално решение што би спречило вакуум на моќ во островската земја.

Ако целта на САД е стабилност на Куба, што е дискутабилно според сегашната реторика на Трамп, тогаш сегашниот пристап може да произведе обратен ефект. Ако, пак, целта е промена на режимот преку истоштување, цената може да биде огромна, а САД да се соочи со бегалски бран, регионална дестабилизација, зацврстување на отпорот во Куба и слабеење на американскиот углед во Латинска Америка.

ВИДЕО | Куба на тркала му пркоси на Трамп

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот