Нова кривична против Костадин Костадинов, сега за незаконско даночно ослободување
СВР Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица против поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов и раководителот на Секторот за финансиски прашања, Б.Ш. поради сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Пријава е поднесена и против И.Г. од Струмица, раководителка на Одделението за администратирање на приходи во општината, поради сомнение за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Препорачано
– И.Г. во четири наврати постапила спротивно на Законот за даноците на имот, изготвувајќи решенија со кои се одобрувало даночно ослободување од данок на промет на недвижен имот при продажба на станови во станбена куќа со наменска класификација А1. Притоа, таа се повикувала на член 25 од Законот за даноците на имот, иако одредбите за даночно ослободување важат исклучиво за станбени згради и станови со номенклатура А2.1, а не за станбени куќи од типот А1.1, за кои биле издадени решенијата – соопшти МВР.
Дополнително, во три од четирите случаи, И.Г. се потпишала и во полето „потврдил/контролирал“, иако тоа било обврска на раководителот на Секторот за финансиски прашања, кој во тие моменти бил отсутен.
– Од друга страна, Б.Ш. и К.К., во својство на раководител на Секторот за финансии и градоначалник на општина Струмица, не извршиле должен надзор и ги потпишале спорните решенија, со што постапиле несовесно во вршењето на своите службени овластувања – се вели во соопштението.
Со ваквото незаконско постапување, според пријавата, буџетот на општина Струмица бил оштетен за вкупен износ од 668.388 денари.
Кривична пријава против Костадинов за злоупотреби во набавката на електрични автобуси
Костадинов доби кривична пријава и за набавката на електрични автобуси. Според пријавата, Костадинов како градоначалник ги прекршил правилата при јавната набавка на електрични автобуси за ЈСП „Струмица-Транспорт“, ангажирајќи лице без потребните стручни квалификации и лиценца А за технички надзор. Во тендерската документација биле внесени спецификации кои речиси идентично одговарале на автобусите што биле набавени.
Toj целосно ги отфрли наводите и додаде дека сите овие чекори се спроведени според важечките закони и дека тој и сите наведени за кои постои сомневање дека сториле кривично дело, се на располагање за сите надлежни органи и институции, со цел да им биде појаснето на каков начин е спроведен проектот.


