Кремљ смета дека во Полска паднала украинска противвоздушна ракета од системот С-300

Русија објави дека експлозијата во Полска била предизвикана од украинска ракета за противвоздушна одбрана, а дека руските ракетни напади во Украина биле на не поблиску од 35 километри од полската граница.

Москва соопшти дека нема никаква врска со експлозијата во која загинаа две лица. Кремљ обвини некои западни земји, особено Полска, дека реагираат „хистерично“ на инцидентот, но рече дека САД и претседателот Џо Бајден покажале воздржаност.

„Фотографиите од остатоците пронајдени во селото Пржеводов, објавени вечерта на 15 ноември во Полска, беа недвосмислено идентификувани од руските експерти од одбранбената индустрија како елементи на противвоздушната наведувана ракета С-300 на системот за воздушна одбрана на украинската воздухопловна Сила“, соопшти руското Министерство за одбрана.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека голем број земји дале „неосновани изјави“ за вмешаноста на Русија „без да имаат поим што се случило“. „Сведоци сме на уште една хистерична, избезумена русофобна реакција, која не се заснова на вистински податоци“, изјави Песков за новинарите.

„Ваквата насилна реакција покажува дека никогаш не треба да се брза со судење, изјави кои можат да ја ескалираат ситуацијата. Особено во вакви клучни моменти“, рече тој. Песков рече дека Бајден покажал „воздржаност“ во неговиот одговор на експлозијата. Во своите први коментари за инцидентот, Бајден рече дека првичните проценки укажуваат дека е малку веројатно ракетата да била истрелана од Русија.

„Уште еднаш би сакал да ве поканам да обрнете внимание на прилично воздржаната реакција на Американците, која е во спротивност со апсолутно хистеричната реакција на полската страна и на редица други земји“, рече Песков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот