Костов: Се надевам дека со ревитализацијата ќе се вратат занаетите кои се загубени во чаршијата

Ацо Костов од Управа за заштита на културно наследство во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ зборуваше за тоа што моментално се случува во Старата скопска чаршија, како и за реакциите од граѓаните.

–Мислам дека е преувеличена работата околу реконструкција на улицата во Старата скопска чаршија. Во Старата скопска чаршија се менуваат дотраените травертински плочи, кои биле поставени во 80-тите години. Се менуваат со правоаголни травертински плочи, а ова е еден вид преодно решение, додека не се обезбеди буџет за базалтни плочи, какви што имала чаршијата во минатото. Сето ова е направено од проекции кои се одборени и работите се одвиваат со непречено темпо. Се создава непотребна фама и забуна во јавноста, вели Костов.

Тој објасни зошто се врши ново поплочување во чаршијата.

-Се менуваат травертинските плочи со кои чаршијата била поплочена во 80-тите години, кои во меѓувреме ја изгубија употребната вредност. Беа со неправилна форма, дотраени, биле вадени за некоја интервенција, па повторно вратени, дупки имаше насекаде, вирови под плочите. Се менуваат со правоаголни травертински плочи, сите со идентична форма. Ќе бидат наредени на многу подобра подлога, изјави Костов.

Околу автентичниот изглед на чаршијата и неговото зачувување, Костов вели дека секој објект трпи промени.

-Се надевам дека во континуитет ќе продолжи ревитализацијата и ќе се вратат занаетите кои се загубени во чаршијата. Тоа би било полн погодок. Во светот се случуваат промените. Најдобро зачувување на објектите е кога тие се користат. Оставени сами на себе не е евозможно. Архитектурата е жива материја и во оваа заштитена зона како чаршијата дозволува креативен пристап.

Кога одите во Св. Петар во Рим имате еден куп различни бои на мермери. Тие се менуваат кога ќе ја изгубат својата боја или оштетат. Тие реконструкции се прават преку целата година. До сега немаме добиено поплаки за реконструкцијата на улицата. Во секојдневен контакт сме со Градскиот конзерваторски центар и делумно со општината, додава Костов.

Видео на денот