„Косово онлајн“: Изборите во Косово ќе влијаат врз македонската внатрешна политика
Додека партиите од владејачката коалиција Влен го поддржуваат „Самоопределување“ и посакуваат Албин Курти да остане на власт, блокот околу Демократската унија за интеграција (ДУИ) е поврзан со косовската опозиција, анализира „Косово онлајн“.
Препорачано
Курти, пред ланските парламентарни избори во Македонија, директно ја поддржа тогаш новоформираната коалиција Вреди, која настана како „анти-ДУИ блок“.
Нејзината главна изборна цел беше да ја испрати ДУИ во опозиција, обвинувајќи ја за клиентелизам, корупција и криминал, како и дека за време на долгогодишното владеење најмногу штета им нанела токму на Албанците.
За разлика од Вреди, ДУИ, партија која ја основал и со децении ја води еден од основачите на Ослободителната народна армија, е поврзана преку заедничка историја и сличен начин на настанување со Демократската партија на Косово, анализира порталот, основана од Хашим Тачи, како и со други опозициски партии.
Политичкиот аналитичар Сефер Селими смета дека изборите во Косово секогаш можат да имаат влијание врз внатрешнополитичките случувања и врз албанскиот блок во Македонија, поради географската близина и меѓусебната поврзаност.
— Во минатото секогаш имало необјавена меѓусебна поддршка меѓу политичките актери, која знаела да предизвика турбуленции на нашата политичка сцена. Се гледа јасна наклонетост кај владејачките партии што му даваат поддршка на Самоопределување на Косово, додека во неколку наврати го видовме Ахмети во улога на медијатор меѓу опозициските политички партии на Косово. Блоковите се поделени и наклонетостите се јасни од двете страни на границата — изјави Селими за „Косово онлајн“.
На прашањето дали е можно организирање или охрабрување на гласање на албанските граѓани во Македонија кои имаат и косовско државјанство, Селими одговори потврдно.
— Секако дека да. Видовме јавни повици и посети на кандидати за пратеници во Собранието на Косово кои доаѓаа тука и позираа со локални партиски лидери, што претставува директна или индиректна поддршка. Политичките партии се организираа да ги поттикнат своите приврзаници, па дури нудеа и инфраструктура за нивниот превоз до Косово на последните локални избори, за да гласаат согласно нивните наклонетости — рече Селими.
Тој додаде дека очекува тоа повторно да се случи поради големата поларизација на Косово бидејќи за локалните функционери од владејачкиот албански блок во Македонија е многу важно Албин Курти и Самоопределување да останат на власт.
„Македонските Албанци се силно поврзани со Косово“
Новинарот Назим Рашиди вели дека генерално вниманието кон случувањата на Косово е многу големо, не само кај политичките партии, туку и кај граѓаните, бидејќи граѓаните на Македонија, особено Албанците, се „силно поврзани со Косово, и историски и преку поновите случувања“.
— Без сомнение, сè што се случувало во Косово секогаш имало одраз и овде, и добар и лош. Политичката динамика што таму се одвива понекогаш овде се следи како копија. Не во негативна смисла, туку како еден вид модел, но и како одраз на конфликтите за кои зборувате — изјави Рашиди.
Особено, како што забележува, вниманието понекогаш се менува во зависност од тоа кој политички субјект за која политичка опција навива. Така, албанската политичка класа што е дел од владата во Македонија, вели тој, повеќе го поддржува Самоопределување, а и косовскиот премиер директно ги поддржува нив, додека, пак, другиот дел, главно ДУИ, поддржува други политички субјекти, односно опозициски партии.
— Она што сакам да го нагласам е дека голем дел од граѓаните не сакаат институциите да креираат политики врз основа на партиски наклонетости. Институциите треба да ги водат луѓе кои ги претставуваат сите, а граѓаните сакаат, без разлика кој ќе победи во Косово или во Македонија, комуникацијата да биде насочена кон доброто на граѓаните, независно од постојните преференции. Ова е она што доминира во очите на граѓаните — нагласува Рашиди.
„Јасно знаат кого поддржуваат“
Според него, голем дел од политичките субјекти во Македонија јасно знаат кого поддржуваат.
— Она што сите овде го посакуваат, и граѓаните и политичките субјекти, е процесот да се одвива што е можно подобро. Ова честопати се зема како модел бидејќи навистина имало коректни процеси, особено поради фактот што резултатите биле прифатени од сите. И во Македонија тоа се случува. Не дека не се случувало, но не како во случајот со Албанија, каде што изборниот процес се одолговлекува и каде се доведуваат во прашање институциите што го спроведуваат процесот. Значи, очекувањата се за фер изборен процес. Потоа, политичките субјекти кои се блиски со партиите на Косово, секако сакаат тие партии таму да победат — рече Рашиди.
И тој смета дека е можно организирање или охрабрување на гласање на граѓани кои имаат и косовско државјанство, но додава дека лично не знае и не забележал дека ќе има организирано одење на косовските избори.
— Да, поттик постои и тоа е природно бидејќи косовските медиуми се следат и овде и сите се информирани кога се одржуваат изборите и што тие значат. Така, оние што имаат право на глас ќе одат да гласаат како државјани на Косово и тоа е најнормален процес бидејќи отсекогаш било така. Но, не е забележана некаква директна организација, барем јас не сум приметил дека ќе се организира нешто, но повици сигурно ќе има. Зашто тоа е дел од целата изборна битка што се води на Косово, која внимателно се следи и во која секоја страна се надева на одреден резултат — заклучи Рашиди.


