Кошаркарките „газат“ во Тбилиси, рекордна победа против Ерменија

„Три од три“ за македонските кошаркарки на ФИБА Челенџерот/Фото: kfsm.mk

Женската кадетска репрезентација на Македонија продолува со одличните настапи и победи на ФИБА „Челенџер“ турнирот во Тбилиси.

По ден предвиден за одмор, нашите млади кошаркарки го остварија и третиот триумф на турнирот совладувајќи ја Ерменија со дури 70 поени разлика, односно 92:22.

Тоа е и рекордната победа на една наша младинска репрезентација во европските натпреварувања. И трет триумф по ред за избраничките на селекторот Никола Златев на „балонот“ во главниот град на Грузија.

А токму селекцијата на Грузија ќе биде нашиот следeн противник во натпреварот кој е закажан за сабота, од 17.00 часот.

На дуелот со нерамноправниот противник, уште во првата четвртина стекнавме висока предност (17:2), што беше јасен показател за квалитетите на двете селекции. Најубедливи, нашите кадетки беа во третата чевртина која ја реализираа во своја корист со (32:4).

Од стрелците најефикасна беше М. Алексовска со 25 поени (по пет скокови и украдени топки), по 12 поени А. Тодорова (пет скокови, седум украдени топки) и Б. Стоевска (шест украдени топки).

На табелата води Албанија со седум бодови, но веќе ги заврши настапите во групата, следува Македонија со шест максимални бодови, по четири имаат Малта и Ерменија, а три последнопласираната Грузија.

Па така, за очекување македонските кошаркарски надежи да ја оправдаат фаворитската улога и против Грузијките и да го освојат првото место.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот