Коронавирус: Што откриваат аутопсиите на починатите од Ковид-19?

Медицински тим вади труп на починато лице од коронавирус од Инфективната Клиника во Скопје / 31 март 2020, Скопје, Северна Македонија / EPA-EFE/NAKE BATEV

Во март германскиот институт Роберт Кох препорача да се избегнуваат обдукции на пациенти кои починале од новиот коронавирус. Како причина за тоа беше наведено дека патолозите и другиот медицински персонал се изложени на висок ризик од заразување при некропсија (отворање трупови). Германскиот сојуз на патолози, сепак, беше скептичен кон препораката и рече дека треба да се извршат што повеќе обдукции, бидејќи резултатите би биле корисни за развој на нови терапии за третман на Ковид-19, пишува Дојче Веле.

Кои се резултатите од обдукциите во Базел?

Во Швајцарија, неколку болници веќе вршат обдукција на пациенти заразени со Ковид-19, јави Зидојче Цајтунг. „Во зависност од опремата и храброста на патолозите“, рече професорот Александар Цанков, кој раководи со одделот за обдукција во Универзитетската болница во Базел. Досега имало обдукција на 20 пациенти кои боледувале од новиот коронавирус.

„Сите тие имаа висок крвен притисок. Повеќето од нив беа со прекумерна телесна тежина“, вели професорот.

Тој додаде дека тоа најмногу се однесувало на мажите.

„Над две третини од коронарните артерии беа оштетени, а една третина имаат дијабетес“, додаде патологот.

Покрај претходните болести на починатите, екипата на Цанков ги испитала и белите дробови на жртвите.

„Само мал дел од нив имаа воспаление на белите дробови. Повеќето покажаа сериозно оштетување на микроциркулацијата во белите дробови. Ова значи дека размената на кислород веќе не функционира и тоа ја објаснува тешкотијата на дишењето кај пациентите во одделите за интензивна нега“, рече професорот.

„Кај овие пациенти, кислородот едноставно не се транспортира правилно. Колку и да им се пушта кислород, тоа не помага”.

Сè уште не е јасно дали ова ново знаење веќе се применува во третманот на пациентите „Ковид-19“.

Во меѓувреме, институтот „Роберт Кох“ ја откажа својата препорака да не се вршат обдукции. Меѓутоа, пред тоа во Хамбург, патологот Клаус Психел направил обдукција на 65 лица кои починале од новиот коронавирус. Извештајот за резултатите беше испратен до здравствените власти во Хамбург. Со него располага и Зидојче Цајтунг. Во меѓувреме, во Хамбург беа извршени обдукции врз повеќе од 100 пациенти со „Ковид-19“ и сите имаа претходни болести, рече професорот. Никаде на друго место досега не биле аутопсирани толку многу пациенти во Германија.

Има ли нешто ново во врска со обдукциите во Хамбург?

Некои од резултатите во извештајот во Хамбург се слични на заклучоците од Базел: на пример, повеќето жртви страдале од срцеви заболувања. 55 од 61 аутопсирани имале атеросклероза, висок крвен притисок, срцев удар или други срцеви заболувања. 46 од аутопсираните имале претходна болест на белите дробови. 28 имале проблеми со бубрезите, црниот дроб или трансплантацијата. 16 имале деменција, други имале најмалку еден карцином, биле со прекумерна телесна тежина или имале дијабетес.

Италија неодамна објави извештај со информации за 1.738 жртви. Но, не од обдукциите, туку од периодот на лекување. Најчесто, пациентите страдале од висок крвен притисок, дијабетес и кардиоваскуларни заболувања.

Дали причината за смртта на овие луѓе навистина беше новата болест Ковид-19? На ова прашање, патологот од Хамбург, Клаус Психел, одговара дека од 65 пациенти на кои тој им правел обдукција, вкупно 61 починале како резултат на коронавирусот. Во другите четири случаи, вирусот не бил причина за смрт.

Професорот Александар Цанков од Базел потенцира дека луѓето со претходни болести веројатно живеат пократко.

„Но, ако овие луѓе не се заразеа со Ковид-19, тие ќе живееја уште еден час, ден, недела или година“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот