Короната ги исфрли законските слабости: Вработените на определено време кои добиле отказ немаат каде да се жалат

Profimedia

Сојузот на синдикати на Македонија бара во новиот закон за работни односи на определено работно време, еден работник да може да се ангажира најмногу до една година.

Еден работник може да се држи на определено работно време со договори што ќе се продолжуват дури до 5 години. Ова е долг рок што на многу работодавачи им овозможува да манипулираат со работниците, посочуваат од Сојузот на синдикати на Македонија. Тие бараат во новиот Закон за работни односи, на определено работно време, еден работник да може да се ангажира најмногу до една година.

– Една година е период и повеќе од доволен за да еден работодавач утврди дали ангажираниот работник е соодветен за извршување на работните задачи што тој ги бара. Како што е познато, се водат преговори за нов закон за работни односи, а притисокот на работодовачите е во него да се озвозможи работа на определено време до 3 години. Ние сметаме дека тоа не е е исправно – вели претседателот на Сојузот на синдикати, Дарко Димовски.

Неправедноста во однос на вработните на определено време се гледа токму во овие тешки моменти, кога покрај здравствена криза, паралелно се случува и една економска криза. Додека оние со договори на неопределено време се заштитени со Законот за работни односи од самоволни откази од страна на работодавачите, оние што се вработени на определено работно време, по истекот на времето во договорот, им престанува работниот однос.

Добрата страна е што и работата на определено време значи социјално осигурување, односно и за нив се плаќа придонесот во случај на невработеност, така што и тие имаат право на надомест од Агенцијата за вработување согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.

Според Законот, најмало времетрање на надоместокот од 1 месец се добива за 9 месеци непрекината работа, или за 12 месеци работа со прекин, во последните 18 месеци. Потоа, согласно стажот се зголемува и времетрањето на надоместокот, а најдолг период за примање пари од Агенцијата за вработување е 12 месеци и овој период е за стаж поголем од 25 години. Но, доколку некој е пред пензија 18 месеци, а има стаж од најмалку 15 години, надоместок ќе добива 18 месеци, односно до пензионирање.

За сите исплати до времетраење од 12 месеци, месечниот надоместок што ќе го добие работникот што останал без работа е 50 отсто од просекот на нивната плата што ја добивале во последните 24 месеци, а за исплатите по 12 месеци надоместокот е 40 отсто, но овие надоместоци не може да бидат повисоки од 80 отсто од просечната плата во државата.

Постојано вработените не може да се отпуштат поради виша сила

Претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров вели дека е неоправдан стравот на вработните дека во сегашниве услови може еднострано да бидат отпуштени од страна на работодавачите.

– Според Законот за работни односи, работодавачот не може да отпушти работник без да ги наведе причините за тоа. Тоа не може да го направи со тоа што ќе каже дека сега се вонредни услови. Во Законот за работни односи, поточно во член 112 став 7 пишува ако работникот не може да ја врши работата поради виша сила, има право на половина од платата – вели Димитров.

Тој објаснува дека ако некоја фирма се повика на прекин на работниот процес од деловни причини, работодавачот е должен на работникот да му издаде решение и да му плати 70 отсто од платата за период до три месеца во тековната година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот