КОНМЕБОЛ го поддржува Џани Инфантино за четврти мандат
Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) официјално ја објави својата поддршка за Џани Инфантино, доколку тој одлучи да се кандидира за четврти мандат како претседател на Светската фудбалска федерација, ФИФА.
Препорачано
Иако Инфантино сè уште официјално не го потврдил своето учество на изборите 2027-2031, советот на КОНМЕБОЛ издаде соопштение во кое „едногласно ја изрази својата поддршка“ за раководството на 56-годишниот Швајцарец.
– Претседателе Џани Инфантино, ви благодариме за вашата континуирана посветеност на развојот на јужноамериканскиот фудбал и за лидерството што го остварувате на глобално ниво. Длабоко ја цениме вашата блискост со нашиот регион и вашата визија да го продолжите растот на играта низ целиот свет – се зборовите на ретседателот на КОНМЕБОЛ, Алехандро Домингез.
КОНМЕБОЛ е првата федерација што јавно го поддржа реизборот на Инфантино. Тој ја презеде функцијата во 2016 година, наследувајќи го Сеп Блатер, и беше повторно избран без противкандидат во 2019 година и повторно во 2023 година. За време на неговиот мандат, Инфантино се залагаше за проширување на турнирите на ФИФА, при што Светското првенство во Северна Америка оваа година ќе биде првото на кое ќе учествуваат 48 репрезентации, а Светското првенство за жени во 2023 година веќе се прошири на 32 репрезентации.
Сепак, неговиот мандат беше предмет на критики и поради проблеми со управувањето и пренатрупаноста на фудбалскиот календар.


