Конечно објавен тендерот за 150 електрични автобуси, првите 30 треба да стигнат годинава
Долгоочекуваниот тендер за набавка на 150 електрични автобуси, од кои со 100 треба да се обнови возниот парк на ЈСП „Скопје“ и да се подобри јавниот превоз во главниот град, конечно е распишан денеска.
Препорачано
Министерствто за транспорт соопшти дека објави Јавен повик за набавка на 150 електрични еколошки автобуси и 75 полначи. Согласно планот за набавка, 100 автобуси се наменети за Град Скопје, а останатите 50 за општините.
Најповолниот понудувач има обврска да произведе и да испорача 30 автобуси во рок од 6 месеци, 60 автобуси во рок од 12 месеци, а 60 автобуси во рок од 18 месеци.
Рокот за доставување на потребната документација e до 30 март 2026 година.
Според Министерството за транспорт, набавката на електрични еколошки автобуси претставува јасна политичка определба за заштита на животната средина како и подобрување на ефикасноста со јавниот превоз во Скопје и останите општини. Покрај еколошките придобивки, укажува дека набавката на нови автобуси носи и економска исплатливост на подолг рок со намалени трошоци за одржување и енергија.
Ова е дел од стратешкиот план за трансформација на градскиот сообраќаен систем и подигнување на економичноста на транспортната мрежа. Со оваа инвестиција испраќаме јасна порака во борбата против аерозагадувањето и подобување на условите за граѓаните во делот на користење на јавниот превоз, како долгорочна инвестиција во транспортниот сектор и јавните услуги, соопшти Министерството за транспорт.


