Концерт за сеќавање во Филхармонија

Вчера (17 март) во Филхармонија на големо задоволство на публиката се одржа светската премиера на Концертот за флејта на еден од најголемите и најславните современи композитори, Финецот Калеви Ахо. На концертот, насловен „Сеќавање на Б.Б.“, настапи и врвниот флејтист Матеј Јоакимеску под диригентската палка на маестро Габриел Бебешелеа.

Од неокласицизам, до модернизам и постмодернизам, звуците на славниот фински композитор Калеви Ахо беа вистинско музичко прочистување за публиката.

Пред премиерата на „Концертот за алт флејта и гудачи бр.2“ на Ахо, се изведоа уште две дела: „Концертот за флејта и оркестар“ на романската композиторка Дојна Ротару и „Кантус во сеќавање на Бенџамин Бритн“, што естонскиот композитор Арво Перт ја пишува по смртта на англискиот композитор Бенџамин Бритн.

Седумдесет и тригодишниот Ахо, кој има напишано 17 симфонии, 36 концерти и пет опери, изјави дека за него е огромна чест што токму во Македонија ќе ја има светската премиера на најновото дело. Неговото творештво се состои од различни стилови – од неокласицизам, до модернизам и постмодернизам, а концертот за алт-флејта го пишува по иницијатива на Јоакимеску, кој на концертот настапи како солист.

Композиторот Калеви Ахо, флејтист Матеј Јоакимеску и дирирентот Габриел Бебешелеа со оркестарот на Филхармонија / Фотографија: Маја Аргакијева

„На Матеј му се допадна мојот концерт за флејта од 2002 година, којшто го изведе во Букурешт и Клуж заедно со диригентот Габриел Бебешелеа. Кога се запознавме во Виена, во 2020 година, тој ме праша дали би сакал да напишам нов концерт за флејта за него. Бидејќи еден од моите големи проекти во 2020 беше пишувањето на Двојниот концерт за флејта и харфа, напишан за друг флејтист, му предложив на Матеј да напишам дело за алт-флејта. Бидејќи алт-флејтата не е силен инструмент, се согласивме дека оркестрацијата треба да биде само за гудачи, без дувачки инструменти“, објаснува Ахо.

Матеј Јоакимеску / Фотографија: Маја Аргакијева

Јоакимеску е еден од најпознатите романски флејтисти. Дипломира на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, а добитник е и на многу меѓународни награди. Редовно настапува на светските сцени како солист, но и во камерни состави, изведувајќи барокен, современ и кросовер репертоар.

„Матеј Јоакимеску е уметник што ги освојува нашите срца со својата силна енергија, со суптилниот израз и искучителната сензитивност“, вели Ахо за Јоакимеску.

Фотографија: Маја Аргакијева

Шеф-диригентот на оркестарот на Филхармонија, маестро Габриел Бебешелеа, уште од 30-годишна возраст важи за еден од најталентираните диригенти во последната деценија во Романија. Во 2010 година дипломира оркестарско диригирање на Музичката академија во Клуж-Напока, а две години подоцна магистрира на Националниот музички универзитет во Букурешт каде подоцна и докторира.

Магистер е и на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена. Добитник е на бројни награди, редовно работи со Романскиот младински оркестар, а од 2011 година е главен диригент на Молдавскиот национален младински оркестар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот