Колку пати дневно е нормално да мокрите во зависност од возраста
Колку често мокрите е индивидуално и варира од човек до човек, но експертите наведуваат дека постојат приближни граници што се сметаат за нормални во различни животни периоди.
Препорачано
Полот, бременоста и одредени здравствени состојби – како инфекции на уринарниот тракт, рак на простата или мочен меур, мултиплекс склероза и мозочен удар – можат да влијаат врз зачестеноста на мокрење. Сепак, еден од главните фактори што ја менува оваа навика е возраста, пишува „Метро“.
„Во текот на животот, речиси секој човек ќе забележи промени во навиките за користење тоалет“, објаснува урологот Хамид Абуди од болницата Њу Викторија Хоспитал (New Victoria Hospital) во Глазгов.
Деца: од 6 до 14 пати дневно
Кај малите деца мокрењето може да се јави од осум до 14 пати дневно, додека кај постарите деца се намалува на шест до 12 пати. Почестото мокрење може да биде поврзано со анксиозност, внес на кофеин, запек, алергии на одредена храна, предолго задржување на урината, помал капацитет на мочниот меур или структурни аномалии.
Тинејџери: од 4 до 6 пати дневно
Тинејџерите најчесто мократ четири до шест пати дневно. Во периодот на пубертет, поради хормоналните промени, оваа бројка може привремено да се зголеми и најчесто не е причина за загриженост. Сепак, ако проблемот продолжи, можно е да се работи за инфекција на уринарниот тракт, дијабетес, прекумерен внес на кофеин или, во ретки случаи, заболувања на мочниот меур.
Возрасни под 60 години: од 6 до 9 пати дневно
Кај повеќето возрасни лица нормално е мокрење пет до осум пати преку ден и еднаш во текот на ноќта. Жените обично мократ почесто од мажите. Бременоста може дополнително да ја зголеми потребата за мокрење поради притисокот врз мочниот меур, а инфекциите на уринарниот тракт се чест причинител на вакви симптоми кај жените.
Лица постари од 60 години: до 10 пати дневно
Со стареењето, функцијата на бубрезите постепено се намалува, а мускулите на мочниот меур ослабуваат, па ноќното мокрење станува почесто. Постарите лица често користат и диуретици, што дополнително ја зголемува потребата за одење во тоалет.
Кај мажите, со возраста доаѓа и до зголемување на простатата, што создава притисок врз мочниот меур и може да доведе до почесто мокрење.


