Кој продава храна чиј рок изминал и пред две години?
Храната во земјава е и онака прескапа, но најстрашно е кога не добивате квалитет и здравствено исправни производи, за кои секој Македонец издвојува барем 50 отсто од својата плата, револтирани се граѓаните. Од ОПМ се децидни дека не смееме со леснотија да ги примаме и да ги прифаќаме ваквите информации, ниту, пак, да бидеме индиферентни на зачестените вести за производи со минат рок, кои се дури и антидатирани
Мора конечно да се знае кој и зошто тргува со неквалитетна и храна со поминат рок на македонскиот пазар, но и како е можно таквиот безобразлук да се толерира со години, децидни се граѓаните и експертите со кои разговараше „Слободен печат“. Ваквите проблеми не се новина, но за потрошувачите е најбитно да се обелоденат имињата на дрските дистрибутери и трговци, кои ги уриваат сите правила и работат незаконски.
Препорачано
Храната во земјава е и онака прескапа, но најстрашно е кога не добивате квалитет и здравствено исправни производи, за кои секој Македонец издвојува барем 50 отсто од својата плата. Информацијата дека инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) неделава, запленија и нештетно уништија приближно 37 тони храна, јаткасти плодови, зрнести и мешункасти производи и разни зачини, без декларации и на кои рокот на употреба им бил истечен од една до две години, дополнително ги разлути потрошувачите. И без разлика што од АХВ соопштија дека за сторениот прекршок на операторот, изречена му е мерка времена забрана за работа и глоба, како и наредба за отстранување на утврдените недоследности со надзорот, но без да се објават нивните имиња.
– Нè трујат, а институциите ги кријат. Ова не е од немарност, туку од алчност и негрижа за нашето здравје. Треба да знаеме кој го прекршил законот тука и дали и колку бил казнет. Постојано читаме за отповикани производи во некоја од европските земји, а не сме слушнале која е причината што постојано се повторуваат истите проблеми, зошто не се прават сериозни анализи за да знаеме што ни сервираат трговците – вели една наша сограѓанка.
Марјана Лончар Велкова, претседателка на Организацијата на потрошувачи на Македонија, е децидна дека не смееме со леснотија да ги примаме и да ги прифаќаме ваквите информации, ниту, пак, да бидеме индиферентни на зачестените вести за производи со минат рок, кои се дури и антидатирани. Во овој контекст, додава таа, граѓаните се прашуваат во каква состојба е нашата храна, визави информациите од европските регулатори за затруени производи со премногу пестициди, недозволени хемикалии и слично… На прашањето може ли македонските граѓани да бидат сигурни во производите што ги купуваат, односно дали сè што е забрането се уништува или завршува на нашите трпези, таа оценува дека „имаме развиен систем за проверка, но секако можат да се пласираат производи што не се безбедни“.
– Познато е дека ЕУ има многу високи стандарди за безбедност на храната што во голема мера се должи на силното европско законодавство. Како дел од алатките за безбедност на храната, беше воспоставен Системот за брзо предупредување за храна и добиточна храна (РАСФФ) за да се поддржи брзата реакција на властите за безбедноста на храната. Ние како држава сме поврзани со овој систем и сме предупредувани за небезбедните производи што би можеле да се најдат, а и се наоѓаат во продажбата, од каде што се повлекуваат доколку се утврди дека не се безбедни. Целосна безбедност е тешко да се воспостави, а нечесна пазарна практика применуваат и трговците што на ознаката за рокот на употреба налепуваат други ознаки, при што потрошувачот се доведува во заблуда и може да консумира производ со поминат рок што исто така не е безбедно – објаснува Лончар Велкова.
Јатки и зачини со 2 години поминат рок – АХВ уништи 37 тони храна
Претседателката на ОПМ укажува на уште еден битен момент, а тоа е нерешениот проблем со продажбата на овошје и зеленчук на автопатиштата, или, пак, на прометните булевари по што тие дополнително се загадуваат преку издувните гасови.
– Што е со полевањето на зеленчукот со нечиста или со загадена вода, кое на нашите трпези носи производи што не се безбедни. Ние самите тешко можеме да се заштитиме, доколку инспекциите не се на терен и не проверуваат – додава таа.
АХВ неделава спроведе вонредни контроли и кај други оператори со храна – месарници, ресторани, сендвичарници, маркети, за што поради утврдени недоследности (нерегистрирани оператори со храна, неспроведени задолжителни обуки на вработените за безбедност на храната, пуштање во промет небезбедна храна и слично), на операторите со храна и на нивните одговорни лица им изрече парични казни, но и времени забрани за вршење дејност. Издадени беа и наредби за отстранување на утврдените недостатоци со контролите, а затекнатата небезбедна храна беше нештетно уништена.
Која е разликата меѓу етикетите „употребливо до“ и „најдобро до“ на храната?
По декларираниот рок на траење, храната се смета за нездрава за употреба и не смее слободно да се продава, велат експертите. Рокот на траење на прехранбените производи се означува со ознаките: – „Употребливо до…“, кога датумот вклучува означување на денот, и – „Употребливо до крајот на…“ во други случаи, стои во член 21 од Правилникот за начинот на означувањето на храната.
– Ако е потребно, се означува и описот на условите за чување, ако производот се чува за определениот период. Датумот се означува со ден, месец и година, во некодирана хронолошка форма. За прехранбени производи со рок на траење: до три месеци – се наведува денот и месецот, од три месеци до 18 месеци – се наведува месецот и годината, повеќе од 18 месеци – се наведува само годината. Рокот на траење на прехранбените производи не се означува за: свежо овошје и зеленчук, вклучувајќи и компири што не се излупени, исечени или обработени на сличен начин, вина, ликерски вина, пенливи вина, ароматизирани вина, овошни вина и пенести овошни вина, пијалаци што содржат 10 или повеќе волуменски проценти алкохол, безалкохолни пијалаци, овошни сокови, овошни нектари и алкохолни пијалаци што се спакувани во амбалажа поголема од 5 литри, а се наменети за објектите за јавна исхрана, печива или тестенини, кои според природата на содржината, се консумираат во период од 24 часа по нивната изработка, оцет, гуми за џвакање и слични производи за џвакање, шеќер, слаткарски производи што се состојат од ароматизирани шеќери и обоени шеќери, и поединечни пакувања на сладолед. По исклучок од член 21 став 1 на овој Правилник прехранбените производи што се лесно расипливи од микробиолошка гледна точка и кои можат да бидат директна опасност по човековото здравје, се означуваат со ознаката „мора да се употреби до…, и со: датумот, или упатување за местото каде што е наведен датумот и со означување на условите за чување – пишува во Правилникот.
Две третини од луѓето ја тестираат храната само со мирисање
Британската агенција за стандарди за храна пред некое време издаде драматично предупредување, тврдејќи дека потрошувачите се коцкаат со своето здравје не знаејќи што јадат. Околу 40 проценти од потрошувачите јадат храна на која ѝ е истечен рокот, а повеќе од две третини од луѓето ја тестираат безбедноста на производите едноставно со мирисање на храната и проверка на нејзината боја, иако двата метода на тестирање се несигурни.
Сепак, според пишувањето на британскиот „Дејли мејл“, кое го објави тпортал.хр, бисквитите или житарките по истекот на рокот „најдобро до“ може да станат помеки, но нивната консумација сепак ќе биде сосема безопасна. Општото правило е: работите што се многу солени (кисели краставички, на пример), слатки (мед или мармалад), ферментирани (кисела зелка) или сушени (бисквити) имаат многу низок ризик.


