Кој беше Ерик Дејн? Од ватерполист до згодниот д-р Мекстими и контроверзната интимна снимка во тројка
Актерот Ерик Дејн, ѕвезда на „Вовед во анатомија“ (Grey’s Anathomy), почина на 53-годишна возраст, потврди неговото семејство за американското списание „Пипл“.
Препорачано
Дејн ја изгуби животната битка во четвртокот, 19 февруари, само десет месеци откако јавно објави дека му е дијагностицирана амиотрофична латерална склероза (АЛС), позната и како Лу Геригова болест.
Кој беше Ерик Дејн?
Ерик Дејн е роден во Сан Франциско во 1972 година. Детството му ја обележила трагедија – неговиот татко починал од прострелна рана кога Ерик имал само седум години.
„Тој беше морнар, а подоцна стана архитект и дизајнер на ентериер. Беше измачена душа“, рекол Дејн во 2014 година.
Актерот додал дека дури откако самиот станал родител, сфатил колку била разорна таа загуба за него како дете.

Актерска кариера
Дејн со глума почнал да се занимава сосема случајно. Бил ватерполист во средно училиште, а кога сезоната завршила, го наговориле да ја игра улогата на Џо Келер во претставата „Сите мои синови“.
„Се вљубив во тоа. Беше најубавото чувство на светот“, зборувал Ерик подоцна.
По матурата, се пресели во Лос Анџелес со само 40 долари во џеб. Тој период го опишал како бурен: „Следните осум години западнав во многу проблеми“.
Сепак, успеал да добие улоги во серии како „Ѕвоното како спас“, „Прекрасните години“, „Розан“ и „Брачни води“, а подоцна се појави и во серијата „Волшебнички“.
Пресвртот во неговата кариера се случил во 2006 година со улогата на Марк Слоун во „Вовед во анатомија“. Поради неверојатната реакција на публиката, ликот кој требало да се појави само кратко станал постојан член на екипата. Марк Слоун, со прекар „Мекстими“, стана секс-симбол, што Дејн го прифати како дел од работата.
„Чувствував уметничка обврска да не бегам од тој дел од карактерот. Имаше многу од мене во тој лик“, рекол тој во 2019 година, но додал и дека не сака да игра таков вид улоги до крајот на животот.
Тој ја напушти серијата во 2012 година. Иако официјално беше кажано дека неговиот лик починал, Дејн подоцна призна дека мислел дека всушност бил отпуштен затоа што станал „премногу скап“ за мрежата, додека истовремено се борел со зависност.
По улогите во филмовите „Марли и јас“ и „Денот на вљубените“, тој постигна голем успех со сериите „Последниот брод“, а потоа и со улогата на Кал Џејкобс во серијата „Еуфорија“. Улогата на татко кој го крие својот таен живот му била, како што рекол, „ослободувачка“, бидејќи му овозможила да покаже актерска длабочина надвор од рамката на „згодниот доктор“.

Приватен живот и контроверзии
Дејн се ожени со актерката Ребека Гејхарт во 2004 година, само десет месеци откако се запознаа. Нивниот брак преживеа бројни предизвици, вклучувајќи го и скандалот од 2009 година кога протече приватно видео од него, сопругата Ребека и моделот и поранешна Мис тинејџерка на САД Кари Ан Пениче.
Иако никој не беше прикажан како извршува сексуални дејствија, тројцата беа голи во видеото.
Но, Дејн години подоцна изјави дека не се кае поради тоа.
„Тоа беа тројца возрасни кои на сè се согласија, вклучувајќи ја и мојата сопруга. Не направив ништо погрешно“, изјави тој.
И покрај контроверзноста, тие останаа заедно и ги добија ќерките Били во 2010 година и Џорџија во 2011 година.
Иако Ребека Гејхарт поднесе барање за развод во 2018 година, двојката во март 2025 година побара тоа барање да се поништи, што укажува на помирување во последните години од неговиот живот.
Актерот се бореше со зависности многу години. За време на снимањето на серијата „Вовед во анатомија“, притисокот од славата го доведе до тешка ситуација, а во 2011 година отиде на рехабилитација поради зависност од лекови против болки.
Се врати со улога во „Последниот брод“, но во 2017 година повторно побара помош за депресија.
Откако на Дејн му беше дијагностицирана АЛС, Ребека Гејхарт остана покрај него за да му помага.
Ерик Дејн ќе остане запаметен како актер кој зборуваше со неверојатна искреност за своите подеми и падови, секогаш останувајќи верен на себе.

Ерик Дејн по страшната дијагноза има потреба од постојана нега: Неговата сопруга ги откри деталите


