Кои се најдобрите и најскапите фудбалери на кои им истекува договорот на лето, Мбапе е врвот на листата

Килиојан Мбапе / фото: EPA-EFE/Peter Powell

На 1. јануари започна зимскиот преоден рок, а во исто време и фудбалерите на кои договорот им истекува на крајот од сезоната, имаат дозвола да преговараат со сите заинтересирани екипи и очекувањата се дека гигантите нема да трошат пари сега, туку ќе се обидат да го обезбедат потписот на едни од најдобрите фудбалери на светот и тоа бесплатно.

Клубовите нема да бидат обврзани да плаќаат обесштетување за играчите на кои договорите им истекуваат на 30 јуни, но тука се бонуси за потпис како и поголеми плати.

Најголемо име меѓу играчите кои можат да преговараат со заинтересираните екипи е Килијан Мбапе за кого денеска беше објавено дека веќе се договорил со Реал Мадрид откако ги одби сите понуди на ПСЖ за продолжување на договорот.

Пазарната вредност на 23-годишниот Мбапе изнесува 160 милиони евра, но ПСЖ минатото лето одби понуда од Реал Мадрид тешка дури 190 милиони евра.  Шпанскиот новинар Педрерол денеска објави дека Реал Мадрид веќе се договорил со Мбапе од идната сезона да го облече „кралскиот“ дрес.

Слободен ќе биде уште еден француски репрезентативец, 28-годишниот Пол Погба. Поранешниот фудбалер на Јувентус, а сега на Манчестер јунајтед често беше во центарот на вниманието на јавноста. Медиумите речиси постојано пишуваат дека Погба е незадоволен на „ОЛд трафорд“ и дека сака да си оди, а доказ за тоа се одбивањето на понудите да потпише нов подобар договор. Неговата пазарна вредност моментно изнесува 55 милиони евра, што е речиси двојно помалку од тоа што Јунајтед во 2017 година го плати (105 милиони) за да го донесе на „Олд трафорд“.

На Јувентус сезонава не му цветаат розите, а се поизвесно е дека на крајот од сезоната ќе остане без најдобриот играч Пауло Дибала. Дибала во Јувентус дојде во 2015 година од Палермо во трансфер вреден 41 милион евра. Торинскиот „Тутоспорт“ пишува дека Дибала има понуда од Јувентус за нов договор според кој би заработувал 10 милиони евра годишно, но засега нема никаква потврда дека договорот е постигнат и ќе биде потпишан.

Милан може да остане без еден своите од најдобри играчи, Френк Кеси, доколку не му ги исполни финансиските барања. Договорот на Кеси истекува на 30 јуни, а досегашните преговори не вродија со плод бидејќи Милан му нуди годишна плата од седум милиони евра, што е за три милиони помалку од тоа што го бара фудбалерот. Пазарната вредност на Кеси изнесува околу 50 милиони евра, а неговите барања без проблеми можат да му ги исполнат екипи како ПСЖ, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Челси кои пројавуваат интерес за одличниот фудбалер.

Договорот му истекува и на Андре Онана, голманот на Ајакс. Камерунскиот репрезентативец во Ајакс пристигна од младинската академија на Барселона за скромни 150.000 евра, а сегашната вредност му изнесува 17 милиони евра.
На оваа листа се наоѓаат и фудбалерите на актуелниот европски шампион, Сезар Аспиликуета, Андреас Кристенсен и Антинио Ридигер.

На лето слободни ќе бидат и Анхел ди Марија од ПСЖ и „мозокот“ на Реал Мадрид, Лука Модриќ.  За Ди Марија е речиси сигурно дека ќе си замине од францускиот тим, додека за Модриќ, најавите се дека ќе добие нов договор по што кариерата би ја завршил на „Сантијаго Бернабеу“.

Уште еден хрватски репрезентативец се наоѓа на оваа листа, Марсело Брозовиќ кој на лето би можел да го напушти Интер. „Неразурите“ во 2016 година за него на Динамо Загреб му платија само пет милиони евра, а сегашната вредност му порасна на 40 милиони.

Пред напуштање на Серија А е и соиграчот на Елиф Елмас во Наполи, Лоренцо Инсиње. Како следна дестинација на Инсиње се споменува Торонто кој е заинтересиран и за Андреа Белоти од Торино.
Пред заминување на крајот од сезоната е и Луис Суарез. Уругваецот влезе во кавга со тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне и за очекување е да си замине.

Видео на денот