Кочов и следната сезона на клупата на „металците“
Тренерот кој минатиот месец на МЗТ Скопје му ја донесе седмата шампионска титула, Ѓорѓи Кочов, и следната сезона ќе ги предводи „металците“. Со овој потег, управата ја потврди заложбата за „давање шанса на младите домашни тренери, кои, пак, во иднина ќе бидат столб на македонската кошарка“.
Препорачано
Станува збор за шестиот стратег кој успеал да го донесе шампионскиот пехар во „Јане Сандански“ (по Тодоров, Пипан, Мартич, Јончевски и Назор) и само четвртиот тренер во Македонија кој може да се пофали со триумф во домашното првенство и како играч и како предводник од клупата. Тој во „сино-белиот“ табор дојде во текот на предминатиот шампионат, а за него ова ќе биде втора сезона која ја почнува како предводник на МЗТ Скопје.
„Останување на Кочов воедно е и потврда на заложбата на нашиот клуб за продолжување на стратегијата за форсирање на млади македонски кошаркари, кои и во следниот период ќе добијат шанса за промоција и за напредување. Кочов веќе работи на формирањето на тимот за следниот период, со кој ќе се обидеме да го продолжиме трендот на остварување добри резултати како на домашна сцена така и во настапите во АБА2-лигата“, стои во соопштението на кошаркарскиот шампион на Македонија.


