Коцарев: Денешните политичари слугуваат на дневно-политичките и геостратешки интереси

Љупчо Коцарев / претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ)/ Фото: МИА

 Одбележувањето на големиот јубилеј – 30 годишнината од независноста на државата и 80 години од македонската антифашистичката борба се повод, уште еднаш да се навратиме на цивилизациските придобивки на македонскиот народ, на македонскиот јазик, на македонската наука и на македонската уметност, коишто опстојуваат на овие простори, во и надвор од денешните граници повеќе од илјада години. Ова го порача во поздравното обраќање на свечениот научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година”, претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Љупчо Коцарев.

– Во својата историја македонскиот народ бил главно под четири господари: над четири и пол века под Византијаа, близу еден век под Бугарија, близу еден век под Србија и пет и пол века под Отоманската Империја. Денес сите тие империи, царства и кралства се распаднати и исчезнати, а она што е останато во времето и просторот се македонското духовно и материјално наследство. Значи повеќе од илјада години ние Македонците сме се спротивставувале и се спротивставуваме на исчезнувањето со она што најнеуништиво, со својот збор, со својот уметнички и научен дух, насекаде каде што живееле и живеат Македонци, порача Коцарев. Радоста, гордоста и спокојот, нагласи Коцарев, за тридецениската независност не произлегуваат од политичките околности, кои не се добри.

– Денешните политичари се слуги на дневно-политичките и геостратешки интереси, а не на државотворните интереси што денес заеднички ги славиме. Радоста, гордоста и спокојот произлегуваат од мојата увереност, дури и сигурност дека македонската држава, идентитет, јазик, наука и уметност ќе опстојат на овие простори во вековите што следат, изјави Коцарев.

На првиот ден од собирот, како што е најавено, ќе се обратат актуелниот претседател Стево Пендаровски и поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов, Живко Кондев, шеф на Кабинетот на првиот претседател на државата Киро Глигоров и Владо Поповски, кој беше советник во Кабинетот на претседателот Борис Трајковски.

Свечениот научен собир, во организација на МАНУ е во рамки на одбележувањето на 30-годишнината од независноста на државата. На настанот учество ќе земат повеќе академици, историчари и научни работници, на повеќе работни сесии поделени во два дена. На првиот, како што е најавено, со сесиите ќе модерираат Драги Ѓоргиев, Тодор Чепреганов, Драгица Поповска и Катерина Мирчевска.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот