Книгата „Поклон пред бардот на македонскиот журнализам: Свето Стаменов“ на Милан Јазбец ќе биде промовирана во Домот на АРМ

Фотографија: Промо

Во Домот на АРМ – Скопје на 27 април (четврток), со почеток во 19 часот, ќе биде одржана промоција на книгата „Поклон пред бардот на македонскиот журнализам: Свето Стаменов“ на проф. д-р Милан Јазбец, несомнено еден од најзначајните словенечки дипломати и амбасадор на Република Словенија во Македонија во периодот од 2016 до 2020 година, универзитетски професор по дипломатија, писател, поет и некогашен истакнат словенечки новинар, автор на седумдесетина книги од областа на дипломатијата и литературата и на повеќе од 140 научни трудови.

Основна цел на книгата, која излезе во издание на „Студентски сервис“ од Скопје, е да се претстават личноста и делото на, како што и самиот наслов на книгата говори, бардот на македонскиот журнализам Свето Стаменов кој, како што истакнува проф. д-р Јазбец во својата воведна студија „Свето Стаменов: журнализмот како вокација, определба и живот“, во која ги разоткрива феноменот Свето Стаменов, начинот и елементите на неговото професионално созревање и творештво, со своите повеќе од 3.000 интервјуа со државници, политичари, дипломати, универзитетски професори и личности од политичкиот, стопанскиот, јавниот и културниот живот во земјава и во странство ја „разви категоријата интервју до тешко достапни височини“ и токму затоа, „интервјуто е тоа со кое Свето Стаменов го создаде својот бренд и интервјуто е тоа кое од Свето Стаменов создаде бард“.

Свето Стаменов – политиколог, новинар на Македонското радио – Радио Скопје, е еден од првите македонски воени репортери од боиштата во Хрватска и Босна и Херцеговина во почетокот на деведесеттите години на минатиот век, антологичар, хроничар на македонската современост и несомнено еден од најпознатите и најплодни македонски публицисти во последните две и пол децении, автор, коавтор и приредувач на повеќе од 50 книги од областа на меѓународната и внатрешната политика, одбраната и безбедноста, евро и евроатлантските интеграции, меѓукултурниот и меѓуцивилизацискиот дијалог, културата, литературата и, особено, македонскиот стандарден јазик.

На 620 страници Б-5 формат проф. д-р Милан Јазбец „распостила“ 130 текстови – мислења, осврти, статии и рецензии на книги на македонски, српски, хрватски, словенечки, албански, турски, англиски и француски јазик, преку кои хронолошки квантитативно и квалитативно се следи творечкиот пат на Свето Стаменов во изминатите три децении, односно од неговите 13 сараевски воени денови во април 1992 година па сè до крајот на 2021 година, кога беше заклучена редакцијата на книгата, виден преку очите на шеесетина македонски и странски негови колеги – новинари, универзитетски професори, дипломати, политичари, писатели…

Но, книгата „Поклон пред бардот на македонскиот журнализам: Свето Стаменов“, не говори само за него, за журналистот Свето Стаменов, туку таа е и своевиден хроничар на македонските лавиринти низ кои поминаа македонското општество и држава во изминатите три децении и на сликовит и објективен начин го отсликува долгиот, трновит и неизвесен пат кој го изодија македонските граѓани и нивната држава во напорите за остварување на своите стратегиски, долгорочни и национални интереси, како што се прогласувањето на независноста и ризиците од тој процес, зачленувањето во ООН, членството во НАТО, Европската Унија и членството во сите други меѓународни организации и асоцијации и како таква таа е значаен прилог кон современата македонска историја. Затоа, проф. д-р Димитар Пандев во својата рецензија заклучува дека „книгата подготвена од Јазбец е своевидна архива не само за насловеникот Свето Стаменов, туку и за македонската журналистика воедно“.

За книгата „Поклон пред бардот на македонскиот журнализам: Свето Стаменов“ на проф. д-р Милан Јазбец ќе говорат: проф. д-р Трајан Гоцевски, проф. д-р Васил Тоциновски, проф. д-р Цане Т. Мојаноски, проф. д-р Елена Јованова – Грујовска, проф. д-р Димитар Пандев и Зоран Иванов, а модератор на промоцијата ќе биде м-р Елизабета Кузмановска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот