Книгата „Духот на времето“ ги содржи клучните есеи на австрискиот писател Херман Брох
Неодамна издавачката куќа „Артконект“ ја објави книгата „Духот на времето“ од Херман Брох. Во овој избор се застапени некои од клучните есеи на Брох кои третираат теми и прашања што се централна преокупација и на неговото книжевно творештво.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Австрискиот писател Херман Брох (1886 – 1951) зборува за злото во книжевноста, за митската заднина на литературата, за распаѓањето на системот на вредностите во првата половина од XX век, притоа осврнувајќи се на историски настани, филозофски концепции, политички идеи и, секако, на низа книжевни дела.
Херман Брох несомнено е еден од најзначајните писатели во XX век, но неговото значење е уште поголемо кога ќе се земат предвид неговите филозофски списи и есеи. „Духот на времето“ опфаќа текстови во кои Брох го изложува својот концепт за суштинската динамика меѓу етиката и естетиката која се отсликува во целокупната култура како рефлексија на пошироките општествено-историски процеси.
Преводот на книгата е на Катерина Јосифоска. Книгата е издадена со поддршка од книжевната мрежа „Традуки“. Главен и одговорен уредник на „Артконект“ е Маја Лазаревска, додека уредник на изданието е Ацо Пероски.


