Климатската пандемија ќе создаде цунами од 1,2 милијарда бегалци

До средината на овој век разни природни катастрофи предизвикани од климатските промени мошне веројатно ќе принудат една осмина од глобалната популација да ги напушти своите домови.

Глобалната климатска криза, која наспроти низата заложби и преземени обврски владите се уште не и пристапуваат доволно сериозно, има потенцијал да биде многу поуништувачка за човештвото од актуелната пандемија на ковид-19.

Ова го потврдува и нов извештај од сиднејскиот Институт за економија и мир (ИЕП), чија главна проекција е дека до средината на овој век разни природни катастрофи предизвикани од климатските промени мошне веројатно ќе принудат една осмина од глобалната популација да ги напушти своите домови. Тоа се 1,2 милијарда климатски бегалци по само 30 години.

Ниту една земја нема да може да го избегне ударот на климатската криза – е, најблаго речено, вознемирувачкото предупредување од извештајот „Регистер за еколошка закана“ на ИЕП. Притоа се истакнува дека, очекувано, најтешко ќе бидат најсиромашните и најранливите популации, кои и денес се главниот генератор на масовните миграции и бегалски бранови.

– Еколошките закани и климатските промени претставуваат сериозни предизвици за глобалниот развој и мир. Најмалку отпорните земји, соочени со еколошки катастрофи, многу веројатно ќе поминат низ период на граѓански немири, политичка нестабилност, социјална фрагментација и економски колапс – пишуваат авторите на извештајот.

Најзагрозени Африка и Блискиот Исток

Како основа за проекциите послужиле податоци од меѓународни организации како Обединетите нации, Набљудувачкиот центар за внатрешни раселувања, Организацијата за храна и земјоделство, како и прибраните показатели за нивото на отпорност на земјите кон кризи. На овие податоци, во калкулациите на ИЕП биле надоврзани релативните закани од порастот на популацијата, хидрографските ризици, (не)сигурноста од приноси од земјоделството и сточарството, сушите, поплавите, циклоните, топлотните бранови и ранливоста од покачување на морското ниво. Пресметките покажале дека повеќе од 1 милијарда луѓе во 31 земја имаат најмал капацитет за отпорност на суровите климатски промени, односно дека не се доволно опремени да издржат удар на евентуална брза еколошка промена во следните неколку децении. Најзагрозените земји се од Супсахарска Африка, Јужна Азија, Блискиот Исток и Северна Африка.

Прочитајте и...  ФОТО: Целосно променет извештајот за убиството на Фахризадех, новите детали ќе ве шокираат

– Не сите луѓе од овие земји ќе бидат принудени да ги напуштат домовите, но мошне е веројатно дека голем дел од луѓето ќе избегаат – пишува во „Регистарот за еколошка закана“.

Земјите со повеќе ресурси и кои се подобро организирани, како оние во Европа и во Северна Америка, ќе бидат поспособни да излезат на крај со ефектите од климатски катастрофи, но и токму поради тоа ќе се соочат со најголем бран од климатски бегалци.

– Ова ќе предизвика огромен социјален и политички удар не само во земјите во развој, туку и во развиените, бидејќи масовното раселување ќе прерасне во поголеми токови на бегалци кон најразвиените земји – истакнува основачот на ИЕП, Стив Килилеа. За него, претстојните еколошки промени ќе бидат „следната глобална закана“.

Храна за 10 милијарди усти

На планетата сега има околу 7,8 милијарда луѓе. Во 2050 година глобалната популација ќе достигне 10 милијарди, исцрпувајќи ги уште повеќе природните ресурси и капацитетите за обезбедување доволно храна и вода за сите луѓе. Порастот на популацијата од 2,2 милијарди луѓе главно ќе дојде од најсиромашните земји, пред сѐ од Супсахарска Африка, каде што и денес многу луѓе страдаат од глад, а уште повеќе од разни оружени конфликти. Кога порастот на глобалната популација ќе се проектира на регионално ниво, се проценува дека до 2050 година потребата за храна ќе се зголеми за повеќе од 50 отсто, што би значело дека 3,5 милијарди луѓе нема да имаат сигурен пристап до храна.

Прочитајте и...  Една година од стапување на функцијата на Урсула фон дер Лајен: С. Македонија и Албанија се успешни приказни за ЕК

Ситуацијата со чистата вода е уште покритична. Веќе денес има повеќе од 2,6 милијарди луѓе изложени на висок или на екстремен недостаток од вода, што значи дека немаат доволно вода за да ги задоволат најосновните потреби или немаат стабилен и постојан пристап до вода.

Променетата честота и интензитет на врнежите, покачените температури на воздухот и други еколошки фактори веќе предизвикуваат нови кризни жаришта за пристап до вода. Ченаи, кој со 7 милиони жители е шестиот најнаселен град во Индија, лани речиси остана без вода. Потребите на жителите беа задоволувани со секојдневно доставување вода во цистерни што доаѓаа дури и од други сојузни држави, а жедните граѓани во долги колони со часови чекале на сонце за да ги наполнат канистрите со дозволената дневна доза.

До 2040 година, повеќе од 5,4 милијарди луѓе или речиси 60 отсто од тогашната проектирана светска популација ќе живеат во земји во кои ќе има висока или екстремна криза со вода. Меѓу загрозените земји ќе бидат и единствените со повеќе од 1 милијарда жители – Индија и Кина. Кризата во овие земји, според извештајот, би можела да генерира бранови на насилства и конфликти, кои уште повеќе би ги дестабилизирало економиите и владите, а во исто време би предизвикало масовни миграции. Само во изминатата деценија насилните инциденти предизвикани од недостаток од вода се зголемиле за 270 отсто, според податоците на компанијата „Ворлдвотер“.

Нестабилност и нетрпеливост

Природните катастрофи за кои се смета дека се резултат на климатските промени значително зачестија во изминатите години, а сѐ повеќе имаат екстремен интензитет. Примери има насекаде низ планетата – огромни шумски пожари во Амазонија, во Калифорнија, во Сибир и во Австралија, топлотни бранови во Европа, поплави што можат да урнат брани во Кина и моќни урагани и тајфуни. Азиско-пацифичкиот регион во изминатите години претрпел најмногу природни катастрофи. Во изминатите 30 години овој регион го погодиле 29 отсто од  сите невремиња во светот. На второто место на загрозеност е Европа.

Прочитајте и...  Денеска и утре во Скопје: Прв меѓународен форум за креативно културно претприемништво

Катастрофите и низ историјата и денес предизвикуваат големи миграции. Во 2019 година Индија се соочила со најмасовното раселување на жители поради климатски катастрофи. Дури 5 милиони биле принудени да ги напуштат своите домови. Во сите други земји уште 20 милиони луѓе биле принудени да избегаат од домовите поради разни катастрофи. Овие бројки се очекува постојано да се зголемуваат во годините и децениите што доаѓаат.

Катастрофите вообичаено се најизразени во најсиромашните региони и средини. Во изминатите децении тие убиле седумпати повеќе луѓе во неразвиените земји отколку во развиените, се наведува во извештајот, повикувајќи се на социо-економски индикатори од претходни истражувања на ИЕП. Последиците се поизразени не поради тоа што сиромашните земји се природно или географски поизложени на катастрофи, туку поради тоа што немаат добра организација ниту доволно средства за да го издржат ударот и да им дадат итна помош на оние на кои им е неопходна.

Комбинација на сите овие закани мошне веројатно ќе предизвикаат миграциски кризи, кои дополнително ќе поттикнат политичка нестабилност, глобална несигурност и поголемо непријателство кон мигрантите.

 

Поврзани вести

Калфин и Ноев: Политичката храброст и разбирањето се клуч за членство на РС Македонија во ЕУ

Михаило Донев

Анализа, па дебата: Допрва ќе се одлучува кои сектори ќе продолжат со работа во недела, коморите со порака да не се брза со решение

Слободен печат

Се пролонгира потпишувањето на договорот за сместување на пациентите во приватните болници

Нови 55 случаи на ковид-19 во Тиквешкиот регион, меѓу нив тројца здравствени работници од Кавадарци

Слободен печат

Коронавирусот се шири низ затворите, капацитетите за изолација при крај

Лука Андреев

ВИДЕО од страотната сообраќајка во Богданци во која животот го загуби 20 годишно момче

СП.

Остави Коментар

MacedonianAlbanian