Класична постава на ремек-делото „Набуко“ од Верди ќе ги отвори 51. Мајски оперски вечери

Прес-конференција за 51. „Мајски оперски вечери“ / Фотографија: Марко Угарковиќ

Националната опера и балет минатата седмица ја одржа главната прес-конференција по повод 51. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“ и ја најави премиерата на операта „Набуко“ од Џузепе Верди, која ќе биде изведена на 9 мај.

Националната опера и балет во традиционалниот термин, од 9 до 31 мај, ќе го реализира 51. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“. На програмата на фестивалот се шест претстави, од кои четири се на дела од Џузепе Верди („Набуко“, „Травијата“, „Реквием“ и „Аида“), една опера е од Жорж Бизе („Кармен“) и балетот „Лебедово езеро“ од П. И. Чајковски.

Свеченото отворање на фестивалот ќе се одржи на 9 мај со операта „Набуко“, која се поставува со италијанска уметничка екипа, а ќе ја изведат солисти, оркестарот, хорот и женскиот дел од балетот на Националната опера и балет, а ќе учествуваат и ученици од балетскиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.

На прес-конференцијата присуствуваа директорот на НУ Национална опера и балет, м-р Васо Ристов, уметничкиот раководител на Операта, м-р Дејан Прошев, и дел од авторскиот и солистичкиот тим на оперската премиера „Набуко“.

– Поради големиот интерес на публиката, одлучивме отворањето на „Мајски оперски вечери“ да биде со премиера на операта „Набуко“ од Џузепе Верди затоа што последен пат била обновена на 25 февруари 2003, а на редовниот репертоар последен пат била изведена на 7 декември 2017 година. Операта „Набуко“ е едно од ремек-делата на Верди и 20 години се премногу долг период како не била обновена – посочи Васо Ристов.

Обновата на операта се реализира со етаблирани и докажани уметници од Италија. Во Скопје се присутни диригентот Даниеле Аџиман, режисерот Ренато Бонајуто, сценографот Флавио Арбети, костимографот Артемио Кабаси, како и асистентката на режија Тереза Гаргано. Диригентот Аџиман истакна дека „Набуко“ е, можеби, една од најкомплексните италијански опери.

Авторската екипа рече дека станува збор за класична поставка на операта и дека какво било интервенирање или модернизирање, ќе биде непочитување кон творештвото на Верди. Тие истакнаа и дека сето она што публиката ќе го види на сцената, во однос на сценографијата и костимографијата, е креирано во студијата на Националната опера и балет и се презадоволни од соработката со сите сегменти во установата.

Задоволство од поставувањето на операта, изразија и солистите на Националната опера и балет, кои беа присутни на прес-конференцијата, Марјан Јованоски, кој ќе настапи во улогата на Набуко, Злата Тошевска како Абигаиле, Ирена Кавкалевска (Фенена) и Игор Дурловски, кој првпат настапува во улогата на Захарија. Како солисти во операта настапуваат и Зоран Сотиров, Диме Петров, Катерина Стојановска и Јане Дунимаглоски.

Традиционално, свеченото отворање на „Мајски оперски вечери“ на 9 мај, во 20 часот, ќе биде со звуците на „Триумфалниот марш“ од „Аида“ и палењето на фестивалскиот оган. Од Националната опера и балет информираа дека билетите за оперската премиера „Набуко“ и за балетската претстава „Лебедово езеро“ на 12 мај веќе се распродадени.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 177, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7.5.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот