Ќе се жалиме, најавува адвокатот на разрешената директорка од Демир Хисар, Лозановска
Директорката на гимназијата во Демир Хисар, Маја Лозановска, денеска го подигна решението за разрешување донесено од градоначалникот Никола Најдовски и најави дека ќе поднесе жалба. Нејзиниот адвокат, Жарко Стеваноски, до Основното јавно обвинителство во Битола ќе поднесе барање за враќање на печатите, кои вчера Лозановска ги подигна од училишниот сеф и ѝ ги предаде на полицијата, која пак требаше да ги достави до Oбвинителството.
Препорачано
Во текот на денот до ОЈО Битола ќе поднесеме барање за враќање на одземените печати, бидејќи нема никакви промени во Централниот регистар. Согласно член 8-а од Изборниот законик, сите постапки за именување и разрешување функционери се запрени. Очекуваме печатите да бидат вратени за непречено да се одвива наставно-образовниот процес и подготовките за почетокот на учебната година, изјави адвокатот Стеваноски.
Градоначалникот Најдовски ја разреши Лозановска на 6 август и за в.д. директор ја назначи Јасмина Дамчевска.
Лозановска не го прими решението бидејќи беше на боледување. Откако новата директорка не ги пронајде печатите, во петокот доцна вечерта полицијата изврши претрес во домот на Лозановска и во службените простории на училиштето. Тогаш полицискиот началник, спротивно на прописите, инсистираше таа да биде изведена на носилка на информативен разговор во полициска станица.
МВР го оцени тоа како непрофесионално однесување и најави негово разрешување. По завршувањето на боледувањето, Лозановска се јави на разговор во полицијата, а вчера печатите им ги предаде на истражните органи.


