Ќе се изолираат 3.000 далноводи за да се заштитат египетскиот мршојадец и царскиот орел од струен удар
За да се спречи угинувањето на ретките птици на далноводите низ земјава, Македонското еколошко друштво (МЕД) и ЕВН Македонија започнаа со проектот „Безбедни жици за загрозени птици“. Планирано е да се изолираат околу 3.000 електрични столбови, со цел да се спасат царскиот орел и египетскиот мршојадец од струјни удари, а воедно да се постават и илјада визуелни рефлектирачки уреди – дивертери на надземни далноводи.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Проектот воведува нови технологии и научни методи за изолација на дистрибутивната мрежа, со што ќе се подобри околу 25% од мрежата во клучните региони и значително ќе се намали смртноста кај птиците – до 70–90% од струен удар и 50–70% од колизии. Ова е прв ваков LIFE проект во Европа и се очекува да придонесе за зголемување на популацијата на царскиот орел и подобрување на гнездечкиот успех на египетскиот мршојадец, како и за заштита на сите птици долж миграциските патишта“, соопштија од МЕД.
Оттаму објаснија дека зафатите ќе се реализираат во Македонија, Бугарија, Турција на клучни миграциски коридори, во периодот јули 2026 – јули 2030 година.
Во Македонија ќе се опфатат четири региони, Овче Поле, Градско, Демир Капија и Тиквеш, клучните области за размножување, миграција и презимување на царскиот орел и египетскиот мршојадец во земјава. Покрај изолацијата, ќе има и визуелни уреди за да се намалат судирите со мрежата. Струјните удари се водечка причина за смртност кај овие загрозени видови.
„Одржливоста не е само концепт, туку долгорочна стратешка цел, а заштитата на биодиверзитетот е составен дел од визијата на компанијата за отпорен и модерен енергетски систем. Управувањето со мрежата носи двојна одговорност, да обезбедиме сигурно снабдување со електрична енергија за граѓаните, а истовремено да ја заштитиме природата што нè опкружува“, рекоа од ЕВН Македонија.
Заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини Мирослав Лабудовиќ истакна дека енергетската безбедност е неодвоива од еколошката одговорност.
„Енергетската транзиција не значи само декарбонизација и модернизација на мрежата, туку и градење одговорна инфраструктура која е во хармонија со природата“, рече тој.
Влатко Трпески, раководител на Секторот за природа во Министерството за животна средина и просторно планирање и Национално лице за контакт за Програмата LIFE, потсети дека нашата земја има обврска да го имплементира Зелениот договор на ЕУ до 2030 година, заедно со Европската стратегија за биолошка разновидност.


