Ќе паднеме ли на тестот на Урсула фон дер Лајен?
Брисел не доаѓа со празни раце, но Македонија одамна научи дека меѓу ветувањето и испораката постои цел континент.
Што точно ќе ни соопшти претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен кога ќе пристигне во Скопје? Дали ќе донесе нови ветувања од Брисел или само ќе ја повтори старата европска мантра за реформи и за стабилност?
Препорачано
Експертите имаат поделени мислења, но сите се согласуваат со едно: посетата на претседателката на Европската комисија доаѓа во клучен момент кога Македонија стои на тенка линија меѓу европскиот пат и домашната политичка неизвесност.
Нејзиното присуство во Скопје, велат аналитичарите, не е случајно. Тоа е јасна порака дека Европската Унија внимателно гледа што се случува во земјава, но истовремено претставува и тест за тоа колку сме подготвени да го направиме следниот чекор.
Според процените на политичките аналитичари, Фон дер Лајен ќе се обиде да ја оживее европската перспектива на Македонија и да покаже дека Брисел не се откажува од регионот. Пораката ќе биде дека евроинтеграцијата останува реална цел, но само ако продолжат конкретните реформи.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, очекува на средбата да се реафирмираат позициите дека стратегиската цел на државата останува полноправното членство во Европската Унија.
– Како да го изгубивме образот чекорејќи по тој пат во изминатите години и како да остана малку од тој образ. Се надевам дека ќе има испораки од страна на ЕУ за барем малку да го зачуваме образот пред да влеземе во европското семејство, затоа што со изгубен образ и достоинство нема да им вршиме работа. А оваа влада нема веќе намера да губи ниту достоинство ниту образ – дециден е Мицкоски.
Според упатените, сосема е извесно дека Фон дер Лајен ќе ја повтори пораката дека иднината на Македонија е во Европската Унија, но дека таа иднина не е можна без владеење на правото, политичка стабилност и без спроведување на уставните измени.
Аналитичарите не исклучуваат можност таа да го повтори речникот на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, кој зборуваше за европски гаранции во процесот на пристапување. Таков потег би претставувал сигнал дека Брисел е подготвен за поактивен ангажман, особено сега кога довербата во процесот на проширување е ослабена.
Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ во изјава за „Слободен печат“ вели дека Фон дер Лајен не може да најави повеќе за преговорите освен да ја повтори познатата вест.
– Во однос на барањето за промена на преговарачката методологија, мислам дека ништо повеќе не може да најави, освен да ја повтори веќе познатата вест дека постојат иницијативи за промена на мнозинството кое е потребно за напредок по кластери и поглавја. Тоа е иницијатива што не е нова, но за жал сè уште нема целосна поддршка од сите земји членки. Очекувам Фон дер Лајен да испрати симболична порака дека Унијата останува посветена на Македонија и дека се согласува оти се потребни гаранции за земјите кандидати дека нема да бидат злоупотребувани со билатерални прашања. Но сето тоа е повеќе израз на добра волја и визија отколку на конкретни мерки и одлуки – ни изјави Трошановски.
Сепак, тој е убеден дека претседателката на ЕК нема да ни дојде на гости со празни раце.
– Сигурно ќе ни донесе некаков подарок, најверојатно економски. Најавено е дека во Македонија наскоро ќе се отвори фабрика за вештачка интелигенција, што навистина ме изненади, со оглед на тоа што ние практично сме последното место во светот каде што треба да се отвори такво нешто. Но и тоа е еден начин како Европа да покаже посветеност кон регионот. Не би ме чудело и ако Урсула најави и други економски инвестиции на Балканот. Тоа би било одлично, бидејќи барем малку ќе се ублажи растечкиот евроскептицизам – вели тој.
Во врска со најавената фабрика за вештачка интелигенција, премиерот Мицкоски додаде дека тоа е проект што го туркала Владата преку Министерството за дигитална трансформација.
– Станува збор за голем бенефит за граѓаните, бидејќи за првпат ќе користиме наши домашни ресурси. Нашите експерти и студенти ќе можат да ги црпат ресурсите што ги има самата ЕУ. Станува збор за два проекта – едниот го добива Македонија, а другиот Србија. Досега ги користевме искуствата од соседите, но отсега ќе имаме наш сопствен центар за вештачка интелигенција – рече премиерот.
Инаку, претседателката на ЕК вчера од Тирана за првпат откри дека за почеток во Македонија ќе се градат две антени за вештачка интелигенција.
– Со други зборови, компјутерската моќ на Унијата ќе биде на ваша услуга. Бидејќи сакам иднината на вештачката интелигенција да се создаде во Европа, сакам Западниот Балкан да биде во неговото јадро – рече Фон дер Лајен.
Поради нејзината посета на земјите од регионот, Европската комисија го одложи објавувањето на годишните извештаи за напредок, кои обично се објавуваат во октомври. Сега тие ќе бидат објавени на почетокот од следниот месец, откако Фон дер Лајен ќе ја заврши својата балканска турнеја.
Пред неа, регионот го посетија и австриската министерка за европски прашања Клаудија Плаколм и словенечката државна секретарка за европски прашања Нева Грашич. Двете изразија целосна поддршка за дијалогот меѓу Скопје и Софија, кој македонската Влада го најавува по Нова година, нагласувајќи дека билатералните прашања не смеат да бидат пречка за заедничката европска иднина. Главната новина што ја пренесоа тие беше иницијативата од Словенија, Германија, Австрија и од Италија – во преговорите да се користи квалификувано мнозинство за техничките прашања.
Австрија и Словенија го поддржуваат дијалогот меѓу Скопје и Софија


