Ќе има важна измена во полагањето државна матура, ги „фаќа“ и сегашните матуранти
Согласно новоразвиената Концепција на МОН, која ќе се спроведува од оваа учебна година, се подготвуваат измени во полагањето државна матура, кои за порталот „Факултети“ ги објасни директорката на Државниот испитен центар, Даниела Јовчевска Михајловска.
Препорачано
Станува збор за промени кои произлегуваат од реформите во средното стручно образование. Тие, според Јовчевска Михајловска, ја наметнале потребата од создавање нов вид централизирани испити кои ќе претставуваат соодветна завршница на четиригодишното средно образование.
„Од оваа учебна година 2025/2026, согласно Концепцијата, имаме различни видови испити на крајот од средното четиригодишно образование, имено во зависност од средното образование, учениците може да полагаат: државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура, вели таа.
Државна матура е наменета за учениците што завршиле гимназиско образование, но и за учениците од средно стручно и средно уметничко образование кои сакаат да го продолжат со студии на факултети кои се различни од средното училиште кое го завршиле. Матурантите кои полагаат државна матура може да се запишат на сите високообразовни институции.
Државна стручна матура е наменета само за учениците од четиригодишно средно стручно образование кои ќе го продолжат своето образование на факултетите со студиска програма соодветна на нивната струка. Државна уметничка матура, пак, ќе полагаат учениците од средните уметнички училишта кои ќе одлучат да продолжат на факултетите на кои се изучуваат уметничките дисциплини.
Но, ученик од средно стручно училиште може да полага и државна матура, доколку сака да студира на факултет од област која не е поврзана со неговото средно образование, објаснува директорката на Испитниот центар.
„Може да полага и државна матура. На пример, учениците што се пријавуваат да полагаат државна матура од средно машинско училиште го прават тоа затоа што сакаат да го продолжат своето образование во високото образование на студиска програма различна од завршеното средно образование. Ако ученикот се определил да студира машинство или електротехника, ќе си избере државна стручна матура. Но ако ученикот се премисли или не се пронајде на студиската програма што ја избрал, а има положено државна стручна матура, следната година може да се пријави и да полага државна матура. На пример, ако положил државна стручна матура и се запишал на машински или на електро, но сака да го смени факултетот, односно сака да се запише на студиска програма различна од завршеното средно образование, ќе треба да полага државна матура.Ученик што положил државна матура, без разлика од кое училиште доаѓа, може да се образова на која било високообразовна институција – вели Јовчевска Михајловска за „Факултети“, додавајќи дека Државниот испитен центар веќе се подготвува и за годинешните екстерни испити, кои исто така ги полагаат учениците на крајот од четиригодишното средно образование.


