Ќе гледаме како се трошат милиони во Будимпешта, Монако и Дубаи – власта не ги прифати амандманите за функционерите
-Очекувам пратениците на ДПМНЕ да се заблагодарат на пратениците од СДСМ, затоа што со тие измени на нивните функционери им застареа 80 предмети, а овдека имаме и пратеник од владејачкото мнозинство на кого му застаре делото. Ова е држава каде застаруваат криминали на високи функционери, ама никогаш не застаруваат криминали за кражба на ќебапи. Не верувам во намерата на власта. 35 години гледаме како функционерите ги трошат милионите дали во Будимпешта, дали во Монако или во Дубаи. Очигледно, тенденденциозно се трга став 5 што предвидува одговорност за одговорните лица во државната управа. Што значи тоа? Дека сега со ваква измена, нема да има одговорност за министрите, нема да има одговорност за администрацијата – рече Мојсоска.
Додека власта и опозицијата се расправаат кој направил кворум за да се донесат скандалозните измени на Кривичниот законик во 2023 година со кои застареа делата за 200 функционери, неказнивоста ќе продолжи, ќе гледаме како народните пари се трошат во Будимпешта, Монако и Дубаи, па ВМРО – ДПМНЕ треба да им се заблагодари на СДСМ што ги донесоа измените.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Оваа констатација на пратеничката од Левица Јована Мојсоска ја отсликува расправата што денеска се водеше за измените на Кривичниот законик кои ги предложија пратеници на ВМРО – ДПМНЕ на матичната Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците каде не се прифатија амандманите на Левица, но и на опозициската СДСМ за да се сменат предложените измени во членовите во кои пак има поблаги казни за функционерите, но и скратени рокови за застарување.
Тоа значи дека и покрај тоа што се организираше јавна дебата која Мојсоска ја нарече „фарса“ и укажувањата на експертите дека со новите измени пак се амнестираат функционерите, тие најверојатно ќе бидат изгласани „несменети“, односно така како што си ги предложија ВМРО-ДПМНЕ со мала шминка во делот на „Безбеден град“.
Застареа 80 предмети за функционери на ВМРО-ДПМНЕ
На матичната комисија не беа усвоени амандманите кои се однесуваат на клучните ставови за казнување на функционерите. Левица поднесе амандман за измени во членот 353, дека се намалуваат казните во споредба со решението што важеше до 2023 година.
-Очекувам пратениците на ДПМНЕ да се заблагодарат на пратениците од СДСМ, затоа што со тие измени на нивните функционери им застареа 80 предмети, а овдека имаме и пратеник од владејачкото мнозинство на кого му застаре делото. Ова е држава каде застаруваат криминали на високи функционери, ама никогаш не застаруваат криминали за кражба на ќебапи. Не верувам во намерата на власта. 35 години гледаме како функционерите ги трошат милионите дали во Будимпешта, дали во Монако или во Дубаи. Очигледно, тенденденциозно се трга став 5 што предвидува одговорност за одговорните лица во државната управа. Што значи тоа? Дека сега со ваква измена, нема да има одговорност за министрите, нема да има одговорност за администрацијата – рече Мојсоска.
Амандмани за спорните членови имаа и група пратеници од СДСМ заедно пратеничката на ЛДП, Моника Зајкова. Но предлозите на опозицијата да се врати решението што важеше до 2023 година, наиде на плодна почва кај власта за да ги обвинат СДСМ и ДУИ дека токму тие ги донесле скандалозните измени откако Зајкова ги обвини дека токму тие пак го обезбедиле кворумот за да се донесат.
Тие поднесоа амандман со кој се враќа старата одредба затоа што со истата кога со делото настанала значителна штета не се дава лимит на горната казна, туку оди најмалку три години, што значи дека максималната казна може да биде 20 години и тоа да ја отежни можноста делото да застари.
-Исто така, во новата предложена измена на законот во членот 353-в се брише ставот 5, што е во најмала рака, безобразно, затоа што во тој став се регулирани службените или одговорни лица во органите на државната управа: министри, директори именувани од владата и со ова, власта го декриминализира криминалното поведение. Не знам зошто е важно кој кога бил на власт, ако сега веќе поднесувате ваков закон, тогаш поправете ги слабостите што се направиле. Која европска регулатива е таа што дава лимити на кривичните дела? Многу едноставно – ако е значителна штетата, не може да се постави лимит од-до. Значи ќе се оди на најгорната граница на казнивост за кривичното дело и на тој начин ќе се избегне застарување, кое што често го сведочиме во праксата. Во делот на јавните набавки, сите експерти укажуваат дека го стеснувате описот на делот, дека декриминализирате одредени поведенија. Не се овие две поведенија кои се опфатени во членот, тие по кој се казнуваат јавните набавки. Каде е фаворизирањето на тендери, каде е местењето на технички спецификации, изборот на понудувач? Каде се јавните фондови, други средства од државата. Дајте ако веќе правиме нешто, да го направиме како што треба – изјави Зајкова на седницата на комисијата.
Се шират лаги дека сме обезбедиле кворум, тврди ВМРО – ДПМНЕ
Овие тврдења претседателот на Комисијата и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Пренџов ги нарече лага и тврдеше дека и да присуствувале и да не присуствувале на таа „историска седница“ секако ќе се направел кворум зашто уште тогаш Артан Груби се фалел дека има мастер-план да обезбеди кворум и без вмровците.
-Дали ВМРО-ДПМНЕ влегле и гласало против, не менуваше ништо. Пратениците од тогашната опозициска Алијанса за Албанците од прв до последен влегоа да прават кворум. Внатре имаше 67 ние влеговме и гласавме против аргументиравем зошто и и веднаш излегоа наслови дека некој влегол и направил кворум. Три години се создава погрешна слика од луѓе кои немаат идеја и понуда и ја подразбираат политиката како естрада – рече Пренџов.
Аргументите на владејачката партија беа дека за измените консултирале експерти, адвокати практичари ги следеле Европските директиви и мислењето на Парламентарниот институт на Собранието.
– Се прави реформски закон на укажување на Уставниот суд, а ние кажавме дека ќе има јавна распава и се појавија сите оние кои опозицијата ги предложи. Сите дела се инкриминираат и зголемени се казните – тврдеше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски.
Правната фела веднаш по предложените измени реагираше дека се протнуваат измени во КЗ во членовите со кои треба да се гонат функционерите со нешто повисоки казни од контроверзниот Законик усвоен во 2023 година, но далеку поблаги споредени со тие од стариот Кривичен законик, каде имаше казни без горна граница, односно без пропишан максимум. Па за максимум се сметаат 20 години, а делата застаруваат за 40 години. Имаше реакции за тоа што нема да се гонат министри директори на јавни претпријатија предложени од владата но и дека се декриминализира делот во јавните набавки, за местење тендери, техничка спецификација и фаворизирање на фирми.


