Ќе достигне цена до 2,8 милиони долари: Дијамантски ѓердан поврзан со Марија Антоанета ставен на аукција
Дијамантски ѓердан поврзан со француската кралица Марија Антоанета ќе биде продаден на аукција во ноември во Женева, со проценета цена од 2,8 милиони американски долари.
Препорачано
Ѓерданот се состои од три реда дијаманти со дијамантски приврзоци на секој крај, вреди 300 карати и датира од 18. век, пренесува „Ројтерс“.
Ѓерданот бил продаден на приватен колекционер во 1973 година.
„Овие дијаманти се користеле во различни парчиња накит откако рудниците Голконда во Индија биле затворени во 18. век“, изјави директорот на кралската продажба на „Сотби“ во Лондон, Андрес Вајт Корил.
Тој истакна дека е исклучително ретко да се најдат дијаманти со таа големина и важност кои потекнуваат од 18. век.
Според „Ројтерс“, се верува дека дел од дијамантите на ланчето потекнуваат од „Аферата со дијамантски ѓердан“, од времето пред Француската револуција, при што е нарушен угледот на Марија Антоанета.
Познато е дека ѓерданот му припаѓал на аристократско семејство во Англеси, Велс, чии членови го носеле на крунисувањето на британскиот крал Џорџ во 1937 година и на крунисувањето на кралицата Елизабета во 1953 година.


